Претставници од Воената академија зедоа активно учество на инфо денот на програмата на НАТО „Наука за мир и безбедност“, кој се одржа на 28 март 2024 година во организација на Министерството за одбрана.
Панелисти на активноста од Воената академија беа проф. д-р Димитар Богатинов, потполковник и доц. д-р Весна Попоска, кои споделија искуства на Воената академија, како институција со најголемо искуство и најголем број спонзоирани проекти и активности од оваа програма на НАТО.
Настанот го отвори министерката за одбрана г-ѓа Славјанка Петровска, а можностите на програмата ги презентираа шефот на Одделот за управување и координација на НАТО програмата Наука за мир и безбедност д-р Клаудио Палестини и програмскиот менаџер д-р Ејуп Турмус.
На настанот учествуваа и питомци и вработени од Академијата, како и преставници на академската заедница и граѓанското општетсво од земјата.
Програмата „Наука за мир и безбедност“ е можност академската заедница и невладиниот сектор директно да соработуваат со експертите од НАТО на полето на науката со цел справување со новите безбедносни предизвици.
Програмата нуди финансирање, стручни совети и поддршка на активности релевантни за цивилната безбедност кои одговараат на стратешките цели на НАТО и земјите членки, а нејзината цел е заедничко справување со предизвиците на полето на сајбер-одбрана, антитероризам енергетска и еколошка безбедност, односно развој на напредни технологии поврзани со безбедноста.