Посета на агенцијата за катастар на недвижности од страна на питомците и студентите од прва година на ддс на воената академија

13.06.2015

На 12.06.2015 година, за прв пат во посета на Агенцијата за катастар на недвижности присуствуваа питомците и студентите од прва година на ДДС на Воената академија од Скопје придружувани од нивниот асистент, м-р Александар Петровски, капетан.
Целта на посетата на групата беше запознавање со работните процеси на некои од одделенијата на Агенцијата за катастар на недвижности, како на картите и системите со кои Агенцијата располага во моментов така и со новите карти кои се во фаза на развој и имплементација. Посетата е дел од практичната настава од предметот Применета географија со топографија кои питомците и студентите го изучуваат во вториот семестар на додипломските студии на ВА.
Посетени беа: Одделението за МАК-ПОС, Одделението за картографија, Одделението за дигитализација и Одделението за ГИС.
По пристигнувањето, посетителите беа поделени во четири групи и потоа секоја од групите беше проследена во едно од наведените одделенија, каде што вработените ги запознаа присутните со нивната работа. Ова беше одлична можност за питомците и студентите да се запознаат со процесот на изработка на топографски карти, нивната дигитализација и секако достигнувањата во полето на ГИС системите во РМ.
По завршувањето на посетата на одделенијата, целата група беше примена од страна на директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, господин Славче Трпески, кој одржа еден поздравен говор и пред сé се заблагодари на целата група за покажаниот интерес за посетата на Агенцијата со искрени желби за продлабочување на понатамошната соработка.
Огромна благодарност до сите вработени во Агенцијата за катастар на надвижности за прекрасниот прием и одличната презентација на нивната инстититуција како и на нивните системи и крајни производи кои во иднина би можеле да се користат во процесот на обуката и образованието на Воената академија.