ВОЕНАТА АКАДЕМИЈА KOОРГАНИЗАТОР НА ДВОДНЕВНА РАБОТИЛНИЦА СО НАСЛОВ „ГЛОБАЛНИ ДИЈАЛОЗИ ЗА САЈБЕР-ПОЛИТИКА: САЈБЕР ДИЈАЛОГ ВО ЗАПАДЕН БАЛКАН 2023“

23.09.2023

Воената академија, во период од 20 до 21 Септември 2023 година, беше дел од организацискиот одбор и учестувуваше во реализацијата на дводневна работилница од областа на сајбер безбедноста со наслов „Глобални дијалози за сајбер-политика: сајбер дијалог во Западен Балкан 2023“ која се реализираше во Холидеј Ин Хотелот во Скопје.

Работилницата беше организирана во коорганизација на Министерството за одбрана, Воената академија, Истражувачка Фондација Обсервер од Америка, Министерството за надворешни работи на Кралство Холандија и Фондацијата Метаморфозис, и на истата учество земаа преку 50 учесници од владата, граѓанското општество, академијата и приватниот сектор од целиот Западен Балкан. Главната цел на работилницата беше да се поттикне вистински и отворен дијалог меѓу учесниците од различни сектори и позадини. Овој настан е надоврзување на претходните координативни дискусии, креирајќи прегледот на регионални иницијативи, идентификување на приоритетните потреби и дискусија и давање на конкретни идеи за подобрување на транспарентноста и соработката за иницијативите за градење на заеднички капацитети.

За време на отворањето на активноста учество земаа вицепремиерката Г-ѓа Славица Грковска, министерот за информатичко општество и администрација Г-дин Азир Алиу, Државникот секретар во Министертвото за одбрана Г-дин Владимир Анчев, како и Г-ѓа Мартје Петерс, претставник од Министерството за надворешни работи од Холандија. Во своите говори го истакнаа значението на сајбер безбедноста, напорите за изградба на капацитетите во Западен Балкан, како и потребата од постојаната комуникација, соработка и размена на информации на институциите.

Деканот на Воената академија професор д-р Митко Богданоски на говорот на отворањето на работилницата потенцира дека сме сведоци на пораст на сајбер-нападите насочени кон владите, бизнисите и поединците низ целиот регион на Западен Балкан, но дека имаме многу голема помош од меѓународната заедница во делот на воспоставување норми, стандарди и иницијативи за градење капацитети за справување со овие предизвици од сајбер просторот во регионот. Деканот Богданоски, истото така ја посочи улогата и активностите кои ги реализира Воената академија, како и доприносот на капацитетите кои ги гради Воената академија со воспоставување на Институтот за сајбер безбедост и дигитална форензика на локално и регионално ниво.

Во текот на реализацијата на работилницата, учесниците имаа можност да земат учество во:

  • симулирана ТТХ вежба: меѓугранична комуникациија во Западен Балкан за време на сајбер криза,
  • сесија I. координација на донаторите и потреби за градење капацитети,
  • сесија II: одбрана и одговар на сајбер напади,
  • сесија III: имплементација на нормите на оон и сајбер дипломатија,
  • брифинг од претставници од северна македонија: напредок/борба со дезинформациите,
  • сесија IV: интра-владина координација за сајбер безбедност.

На дел од сесиите учество земаа претставници од Воената академија и Министерството за одбрана, а самиот настан овозможи градење на мрежа на партнерства која во иднина ќе допринесе за зголемување на капацитетите на Воената академија како и на Министерството за одбрана.

Галерија