Воената академија на 10 ноември беше домаќин на делегација од Воената академија на Кралството Норвешка составена од командантката на Воената академија, полк. Зигрид Штурладатер-Скарет, командирот на курс Еспен Ајкенес и норвешкото одбранбено аташе, пполк. Даг-Магне Лунде. За време на посетата се дикутираа придобивките од воспоставената соработка помеѓу двете институции и следните чекори за нејзино продлабочување. Претставниците од норвешката Воена академија имаа можност да се запознаат со тековните проекти и активности на Воената академија, да ги разгледаат просторните капацитети, како и да посетат еден од часовите кои се држат на англиски јазик за потребите на питомците кои учествуваат во размена по програмата Еразмус+.
За време на тековниот зимски семестар по втор пат двајца норвешки питомци и една питомка учествуваат во размена и своето образование го стекнуваат во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје. Истовремено, во тек е планирањето на избор на тројца питомци/питомки кои ќе бидат испратени на едносеместрална размена во Кралството Норвешка во согласност со програмата Еразмус+.
Во дискусиите за продлабочување на соработката помеѓу двете Академии, Деканот на Воената академија, полк. д-р Митко Богданоски, редовен професор истакна неколку можности со акцент на воспоставување на партнерство во спроведувањето на безбедносно-одбранбениот проект Летен кампус, кој во летниот период повеќе од една деценија собира питомци и студенти од повеќе од 20 држави од светот. Овој проект има огромен придонес кон зголемувањето на свеста за интероперабилноста помеѓу офицерите од земјите членки на НАТО и нивните партнери, како и зголемување знаењата од академискиот, но и практичниот дел на военото образование и обука. Делегацијата исто така искажа посебен интерес во остварување на соработка во врска со Институтот за сајбер безбедност и дигитална форензика и можноста да се соработува во развојот и работата на овој национален и регионален институт во рамките на Воената академија.