Посета на делегација од Кралството Норвешка на Воената академија

18.11.2022

Воената академија на 10 ноември беше домаќин на делегација од Воената академија на Кралството Норвешка составена од командантката на Воената академија,  полк. Зигрид Штурладатер-Скарет,  командирот на курс Еспен Ајкенес и норвешкото одбранбено аташе, пполк. Даг-Магне Лунде. За време на посетата се дикутираа придобивките од воспоставената соработка помеѓу двете институции и следните чекори за нејзино продлабочување. Претставниците од норвешката Воена академија имаа можност да се запознаат со тековните проекти и активности на Воената академија, да ги разгледаат просторните капацитети, како и да посетат еден од часовите кои се држат на англиски јазик за потребите на питомците кои учествуваат во размена по програмата Еразмус+.

За време на тековниот зимски семестар по втор пат двајца норвешки питомци и една питомка учествуваат во размена и своето образование го стекнуваат во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје. Истовремено, во тек е планирањето на избор на тројца питомци/питомки кои ќе бидат испратени на едносеместрална размена во Кралството Норвешка во согласност со програмата Еразмус+.

Во дискусиите за продлабочување на соработката помеѓу двете Академии, Деканот на Воената академија, полк. д-р Митко Богданоски, редовен професор истакна неколку можности со акцент на воспоставување на партнерство во спроведувањето на безбедносно-одбранбениот проект Летен кампус, кој во летниот период повеќе од една деценија собира питомци и студенти од повеќе од 20 држави од светот. Овој проект има огромен придонес кон  зголемувањето на свеста за интероперабилноста помеѓу офицерите од земјите членки на НАТО и нивните партнери, како и зголемување знаењата од академискиот, но и практичниот дел на военото образование и обука. Делегацијата исто така искажа посебен интерес во остварување на соработка во врска со Институтот за сајбер безбедност и дигитална форензика и можноста да се соработува во развојот и работата на овој национален и регионален институт во рамките на Воената академија.