Осло, Норвешка – 11-13 февруари 2025
Делегација од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје учествуваше на „Меѓународната недела“, организирана од Норвешкиот одбранбен универзитетски колеџ (NDUC) во Осло од 11 до 13 февруари 2025 година. Оваа посета ја зацврсти академската соработка и ги зајакна врските помеѓу двете институции.
Македонската делегација, составена од д-р Невена Серафимова, вон. проф., продекан за финансии и инвестиции, пполк. д-р Љупчо Шошоловски, доцент, координатор за Еразмус+ и м-р Елена Трајановска, виш лектор, заменик координатор за Еразмус+, учествуваше во дискусии насочени кон унапредување на военото образование и развој на лидерството.
Клучен настан за време од посетата беше средбата со македонските питомци кои моментално се на мобилност во Норвешка. Делегацијата имаше можност да го следи нивното учество во курсот за комплексни операции и симулацијата „игра Матрикс“, што обезбеди увид во стратегиското донесување одлуки и оперативното планирање. Питомците ги споделија своите искуства, истакнувајќи ги придобивките од меѓународната размена за развој на воените лидерски вештини.
Посетата исто така вклучуваше дискусии со раководството на NDUC, организирани од раководителот за интернационализација Марит Рие-Рамберг, со фокус на проширување на идната соработка и размена на знаење меѓу институциите.
Воената академија останува посветена на интегрирање на најдобрите практики и понатамошно зајакнување на меѓународните партнерства во военото образование.