На 29 јануари 2025 година, Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје учествуваше на иницијалниот состанок на Европскиот дигитален иновациски хаб INNOFEIT (EDIH), финансиран преку повикот „DIGITAL-2023-EDIH-04“. Проектот е насочен кон поддршка на малите и средни претпријатија (МСП) и организациите од јавниот сектор (ОЈС) во дигиталната трансформација и зголемување на нивната конкурентност.
INNOFEIT EDIH се фокусира на производство, земјоделство, паметни згради и енергија, нудејќи услуги како прототипирање, тестирање и обуки за унапредување на иновациите и дигиталните процеси. Проектот исто така ја поддржува јавната администрација со анализи базирани на податоци, како и дигиталната и зелената транзиција.
Воената академија ќе придонесе со експертиза во сајбер-безбедноста, поддржувајќи ја дигиталната отпорност на институциите преку обуки, тестирања и развој на безбедносни решенија.
Како дел од мрежата на Европските дигитални иновациски хабови (EDIH), проектот овозможува пристап до најновите технологии и ресурси, зајакнување на иновацискиот екосистем и интернационална соработка во доменот на дигиталната трансформација.
Покрај Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје, партнери во проектот се INNOFEIT (Координатор) – Центар за трансфер на технологии и иновации, Факултет за електротехника и информациски технологии при УКИМ, Факултетот за информатички и комуникациски технологии при УКЛО, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип (УГД), Solveo ДОО – консалтинг за стратешки дизајн и иновации, Сојузот на стопански комори на Северна Македонија (ССК), Македонската асоцијација на преработувачи (МАП), Interspace – индустриски партнер за напредна инфраструктура, Mikrosam – лидер во производствени технологии и Kontron – лидер во технологии и дигитални решенија. Оваа соработка овозможува создавање на одржлив дигитален екосистем, кој ќе придонесе за унапредување на економијата и јавниот сектор.