Во Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ се одржа симулациска вежба за сајбер хибриден напад, со цел тестирање на подготвеноста на државните институции за одговор на сајбер закани. Настанот претставуваше клучен момент во зајакнувањето на националната сајбер безбедност и дигиталната отпорност.
Во рамките на активностите, британскиот амбасадор во Северна Македонија, Метју Лосон, свечено ги предаде минималните сајбер безбедносни стандарди за владините институции на Премиерот на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски. Овие стандарди се резултат на долгомесечен труд и соработка меѓу професори и асистенти од Воената академија, кои активно учествуваа како експерти во проектот и беа дел од работната група за нивно развивање.
На настанот покрај премиерот присуствуваа Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, и Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, како и други високи претставници од Владата и безбедносните институции.
Премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека оваа симулациска вежба е значаен чекор за подобрување на националната отпорност кон сајбер напади:
"Ова беше стратешка вежба во која симулиравме сајбер напад врз државните институции. Преку ова, ја тестиравме способноста на Владата да носи брзи и ефикасни одлуки во услови на дигитална закана. Од ова можеме да извлечеме многу поуки, за да знаеме како да одговориме кога, не дај Боже, вистински напад се случи. Владата ќе продолжи да вложува во зајакнување на националната дигитална инфраструктура и во формирање на централен дата центар за координирана и подобро организирана заштита."
Вежбата беше поддржана од Владата на Обединетото Кралство, преку Британската амбасада во Скопје, како дел од пошироката регионална иницијатива за унапредување на сајбер безбедноста во Западен Балкан.
Симулациската вежба која беше клучен дел од вежбата, имаше за цел да ги зајакне капацитетите на владините институции во идентификација, реакција и управување со сајбер инциденти. Преку симулација на реални сценарија, учесниците беа водени низ процесот на носење одлуки при критични дигитални закани, овозможувајќи им да развијат ефективни стратегии за одговор и координација.
Оваа активност го потврдува лидерството на Воената академија во областа на сајбер безбедноста, нејзината посветеност кон развојот на современи методологии за справување со дигиталните предизвици, како и значењето на меѓународната поддршка во градењето на поотпорен сајбер простор за Северна Македонија.