Јакнење на сајбер отпорноста во регионот

13.11.2024

Тирана, 13 ноември 2024 — Во организација на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ / Институтот за сајбер безбедност и дигитална форензика, во Тирана, Албанија, се одржуваат две дводневни работилници за сајбер безбедност, фокусирани на одговор при инциденти во сајбер просторот и кризна комуникација. Активноста се организира во соработка со Националниот авторитет за сајбер безбедност (NCSA) и е поддржана од страна на Стејт департментот на САД и CRDF Global. Оваа работилница претставува значаен чекор за подобрување на сајбер отпорноста и градење на капацитети за сајбер професионалци во Албанија.

Работилницата започна со воведно обраќање на деканот на Воената академија, проф. д-р Митко Богданоски, кој ја потенцираше важноста на развивањето на силни регионални капацитети за сајбер-безбедност и поттикнувањето на соработката за справување со растечките сајбер закани. Деканот истакна дека соработката во регионот е од суштинско значење за развивање на сеопфатен и проактивен пристап кон сајбер-безбедноста, што не е од корист само за Албанија, туку и за целиот Западен Балкан.

На свеченото отворање, директорот на NCSA, Игли Тафа, ја истакна клучната важност на градењето капацитети во сајбер безбедноста, особено преку едукација и обука на младите професионалци за следење на најновите развои во областа. Тој, исто така, изрази благодарност до Воената академија за нивната стручна поддршка во унапредувањето на капацитетите за сајбер безбедност во Албанија.

Во текот на настанот, тимот на Воената академија водеше интерактивни сесии, пренесувајќи напредни техники за одговор на сајбер инциденти и стратегии за ефективна кризна комуникација на учесниците од јавниот и приватниот сектор. Преку практична обука на платформи за симулација во реално време, учесниците ја зајакнаа својата подготвеност за справување со сајбер-инциденти и комуникација со јавноста во кризни ситуации.

Овој заеднички настан ја потврдува посветеноста на Воената академија кон регионалната безбедност, поддржувајќи го развојот на квалификувана работна сила за сајбер безбедност способна да ги заштити националните и регионалните интереси во сè покомплексното дигитално опкружување.