Во периодот од 14.10 до 17.10.2024 година во просторите на Универзитетот Лудовика во Будимпешта се одржа курс во организација на Универзитетот Лудовика - Будимпешта и Воената Академија Генерал Михаило Апостолски и Универзитет Црна Гора од Подгорица. Курсот на тема „Управување со ризик за безбеден сајбер простор“ беше поддржан од страна на Европскиот Колеџ за безбедност и одбрана (ESDC- European Security & Defence College) и Агенцијата за сајбер безбедност на Европската Унија (European Union Agency for Cybersecurity (ENISA) и двете со седиште во Брисел, Белгија.
Слушателите на курсот дојдоа од повеќе земји од Европската Унија меѓу кои Грција, Холандија, Чешка, Бугарија, Франција и Унгарија, и имаа можност да се запознаат со најновите ризици во сајбер просторот, системите за безбедноста на информациите и да ги осознаат начините за управување на ризикот за обезбедување на информациите во информациски системи. Темите кои ги покрива курсот беа разработени преку интерактивна теоретска и практична настава со цел подобрување на вештините управување со ризикот при имплементација на мерки за сајбер безбедност.
Покрај придонесот во организација на настанот, Воената Академија учествуваше и со двајца предавачи. Проф. Д-р Димитар Богатинов и М-р Гоце Стеваноски од Институтот за Сајбер Безбедност и Дигитална Форензика, обработија повеќе значајни теми од областа на управувањето на информациска безбедност во информациските системи при што беа истакнати методите на управување и улогата на персоналот на различни нивоа и од различни аспекти на ангажираност. Исто така го прикажаа екосистемот за сајбер безбедност на Западен Балкан со осврт на развојот, заканите и мерките кои земјите од Западен Балкан ги преземаат за надминување на проблемите и зацврстување на сопствената сајбер безбедност.