Започна дводневна вежба во областа на сајбер безбедноста и кризната комуникација во организација на Воената академија

11.03.2024

Во одговор на постојаните закани во областа на сајбер безбедноста и потребата за справување со истите од страна на институциите, Воената академија, во периодот 11-12.03.2024 година, организаираше дводневна вежба (TTX – Table Top Exercise) во Кишињев, Молдавија, собирајќи експерти во областа на сајбер безбедноста, но и комуникатори и лица за односи со јавноста од бројни институции во земјата.

На самото отворање, Деканот на Воената академија ја нагласи неопходноста од едукацијата во оваа област, како и вклучувањето на експерти од различни сектори во справувањето со кризи од сајбер безбедноста. Во тој контекст, проф. д-р Богданоски ја истакна клучната улога која ја игра кризната комуникација во динамиката за справување со сајбер кризите.  

На отворање на активноста воведно обраќање имаа Тод Спајрс, директор на програмите за дигитална отпорност од CRDF Global, Даниел Вода, портпарол на Владата на Република Молдавија,  Александру Коречи, директор на службата за информациска технологија и сајбер безбедност и Џули Лиможис, лице за економски прашања во американската амбасада во Кишињев.

Активноста им овозможува на учесниците интерактивни сесии во кои се дискутираат новите закани на сајбер безбедноста, како и практично извежбување на комуникациските вештини потребни за управување со кризната комуникација во текот на кризите предизвикани во сајбер просторот.

Настанот е спонзориран од американскиот Стејт департмент и се спроведува во соработка со CRDF Global, Иницијатива за сајбер безбедност, корпоративна безбедност и управување со кризи – C3I Скопје и Сајсег.