Состанок за пречек на питомците од Воената академија “West Point” од САД

08.03.2023

На ден 06ти март 2023 година, во времетрање од 10:00 до 11:30 часот, се реализираше состанок за пречек на питомците од Воената академија “West Point”од Соединетите Американски Држави.

Имено, питомците кои пристигнаа на Воената академија Генерал Михаило Апостолски” – Скопје на 04ти март 2023 година како дел од програма за студентска размена на питомци помеѓу двете воено-образовни институции, најпрво беа пречекани од Деканот на Воената академија, полк. д-р Митко Богдановски, ред. проф. кој изрази дека му претставува чест и задоволство што овие питомци доаѓаат токму од најдобрата воена академија во светски рамки. Притоа Деканот нагласи дека ваквите активности претставуваат врвни можности за размена на искуства и продлабочување на соработката помеѓу двете институции и токму затоа се во фокусот на Воената академија. Истовремено, Деканот им посака пријатен престој и плодна работна седмица на питомците од САД, притоа претставувајќи ја програмата со активностите во кои овие питомци ќе земат учество, како посета на дел од единиците на армијата, центарот за обука на пилоти, АП Криволак и бројни знаменитости од културно-историски карактер.

По состанокот, питомците од САД присуствуваа на презентација за Воената академија Генерал Михаило Апостолски” – Скопје каде беа изложени мисијата на Воената академија како единствена воена-образовна институција во земјата, нејзините капацитети и можности, квалитетот на образованието со кое се стекнуваат нејзините студенти и меѓународната соработка која се става во преден план на заложбите на академијата, а која подразбира поголем број на слични активности, односно студентски размени, размена на образовен кадар и активно учество на меѓународни проекти.

Питомците од САД исто така имаа можност да направат презентација за академијата од која доаѓаат, при што беше интересно да се види дека питомците во двете академии поминуваат низ слично ригорозен процес на селекција за да се стекнат со можноста да се школуваат на една од најпрестижните воено-образовни институции во светот. Питомците од САД напоменаа дека се исклучително благодарни за можноста да ја посетат Воената академија Генерал Михаило Апостолски” – Скопје и дека се надеваат дека во иднина соработката помеѓу двете институции ќе овозможи и други питомци семестрално да ја посетат Воената академија и воопшто, РС Македонија.