Прослава на 14 јуни - Ден на Воената академија

14.06.2023

Во свечена атмосфера, во присуство на поддржувачи, колеги и пријатели, Воената академија на 14 јуни 2023 година ја прослави 28 годишнината од своето постоење.

Во близина на Деканатот на Воената академија, во касарната „Гоце Делчев“ – Скопје, се одржа свеченоста по повод Денот на Воената академија во присуство на високи претставници на Министерството на одбрана, Армијата и други бројни партнерски институции. На самиот почеток, присутните ги поздрави Деканот, правејќи осврт на најважните достигнувања и успеси на институцијата, елаборирајќи го притоа придонесот на сите чинители во Академијата од нејзиното основање. Во тој контекст, Деканот искажа посебна благодарност до поранешните вработени, меѓу кои и професори, декани, административни работници и други, за нивната улога во поставувањето на темелите на оваа важна институција, единствена по карактер во нашата земја. 

Воената академија, единствената воена високообразовна институција во земјата претставува храм на знаењето и воспитувањето во кој се обликуваат питомци, студенти и офицери - идни лидери и стратези. По повод Денот на Воената академија, беше нагласена и регионалната димензија на Академијата која дава можност за градење на пријателства и мостови помеѓу офицерите и лидерите во регионот, преку образованието кое го обезбедува за питомци и студенти од Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора.

Од друга страна, професорскиот кадар на Воената академија во спрега со програмата NATO DEEP за унапредување на образованието вложува напори и експертиза за градење на капацитетите на военото образование во партнерски земји на НАТО. Преку овие проекти, Академијата има можност да го сподели својот успешен модел на едукација, воспитување и обука и да го потврди своето влијание во регионот и пошироко во меѓународен контекст.

По повод прославата на 28 годишнината од основањето на Воената академија, Заменикот министер за одбрана, Тирон Јајага во својот говор истакна многу силни страни на Воената академија, потенцирајќи ги признанијата за квалитетот на образованието кои посовчуваат на нашата Аакадемија како лидер во регионот и пошироко. Меѓу другото, тој ја истакна и заложбата на Министерството за одбрана за понатамошно развивање на Академијата и поддршката за иницијативите за нејзина модернизација и стремежот кон извонредност.

Галерија
Видео