Свечена промоција на потпоручниците од 22-та. класа и свечена заклетва на 26-та класа питомци во Воената академија

21.10.2022

На воена свеченост во Касарната „Гоце Делчев“ во Скопје, денес 21.10.2022 година се промовираа 18 офицери на Армијата од 22-та класа, во чин потпоручник и свечена заклетва дадоа нови 31 питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ од 26-тата класа.

На свеченоста присуствуваа министерката Славјанка Петровска и заменикот началник на Генералштабот, генералот Азим Нуредин и советникот за национална безбедност на Претседателот Стево Пендаровски, Блерим Кољали, како и  високи гости од Министерството за одбрана и Армијата, претставници од министерствата за одбрана на Босна и Херцеговина, Црна Гора и други гости.

Во своето обраќање Министерката Славјанка Петровска подвлече дека професијата војник, подофицер или офицер во македонската Армија ја покажува љубовта кон татковината и решеноста секој да даде сопствен придонес во нејзиниот развој, безбедност и сигурност. Министерката Петровска исто така се осврна на човечкиот капацитет кој е клучен за натамошен развој на одбраната, и на новите питомци меѓу кои има шест од Босна и Херцеговина и два од Црна Гора им порача дека на Воената академија ќе создадат тим на млади офицери кои ги поврзува нешто повеќе од униформата – почитта едни за други и ветувањето дека во иднина ќе направат се да ја гарантираат безбедноста и мирот во овој регион на кој сите припаѓаме.

Деканот на Воената академија, полковникот проф. д-р Митко Богдановски во својот говор истакна дека голема е гордоста да се биде на чело на Воената академија, да се биде прв меѓу еднаквите во институцијата која произведе лидери кои успешно се соочија со многу предизвици кои стоеја на патот на државата. Лидери кои преку нивното учество во НАТО предводени мисии и мисии на нашите сојузници дадоа можеби и најголем придонес за да нашата држава моментално е дел од најголемата и најмоќна алијанса – НАТО. Токму произведените кадри од оваа институција се носители на највисоките раководни позиции во оперативните единици во армијата, но и во други безбедносни институции каде преминале.


Деканот проф. д-р Богданоски, на ново промовираните потпоручници, им го порача следново:

Се гордеам со вас и верувам дека доследно ќе ги претставите вашите учители – професори. Верувам дека ќе покажете зрелост и изграденост. Верувам дека ќе ја негувате љубовта кон науката и нема да дозволите жедта за учење, надградување и растење никогаш да згасне.   Бидете вистински пример за тоа што значи да се биде офицер во македонската армија и овозможете ни да се гордееме со вашите успеси, претставете нè достојно и чесно!

 

На најмладите питомци деканот проф. д-р Богданоски им го порача следново:

Исправени сте пред еден од најголемите предизвици на својот живот преку кој од млади, безгрижни луѓе ќе се трансформирате во одговорни, посветени и себе пожртвувани лидери кои ќе можат да се справат и во најтешките ситуации. Да станете лидери кои мотивираат, напорно работат и претставуваат пример за своите следбеници. Знам дека има измешани чувства помеѓу вас. Има такви кои знаат дека се на правото место, а има и такви кои можеби се уште размислуваат дали донеле правилна одлука и дали ќе можат да одговорат на предизвиците. За оние вторите, немојте да се откажувате. Ве уверувам дека вредите повеќе од тоа да се откажете заради некоја препрека на која ќе наидете во текот на школувањето ќе ве направи само похрабри, поодлучни, помотивирани да не застанете, да не се откажете, да продолжите да се борите.

 

Во рамки на свеченоста министерката Петровска и заменикот началник на Генералштабот, генералот Азим Нуредин и советникот за национална безбедност на Претседателот Стево Пендаровски, Блерим Кољали на тројцата прворангирани питомци, Кристијан Илиевски, Николина Пејовиќ и Сара Илиевска им врачија плакети за постигнатиот успех.