Свечено отворање на летен кампус 2018 година

26.06.2018

Во Центарот за обука „Пепелиште“ на ден 26 јуни 2018 година се одржа свеченост по повод отворањето на деветтиот меѓународен одбранбено-безбедносен проект „Летен Кампус 2018“ во организација на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ - Скопје.

На свеченото отворање присуствуваше заменик министерот за одбрана д-р Беким Максути и високи гости од Министерството за одбрана, Армијата на Република Македонија, високообразовните институции од Република Македонија и одбранбени аташеи акредитирани во Република Македонија.
Деканот на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје, полковник Орце Поповски во своето обраќање на отворањето истакна дека овој проект е исклучително значаен за питомците, затоа што во наредните денови тие ќе имаат можност да разменат знаење, искуства, ќе вежбаат заедно и ќе се развијат многу пријателства. „Еден ден вие ќе стоите еден до друг, рамо до рамо во поддршка на регионалниот и глобалниот мир и безбедност“.
На крај заменик министерот на учесниците им посака успешно реализирање на летниот кампус и им порача кога ќе се вратат во своите земји да го споделат искуството со своите колеги и да ги охрабрат да дојдат следната година.
Програмата на кампусот ќе биде спроведена од високо обучени инструктори од разни институции, како и професионални инструктори од македонската армија и од другите земји кои учествуваат на Кампусот.
Овој меѓународен проект „Летен кампус 2018“ има за цел да ја доближи комплексноста на идните предизвици во постконфликтните операции до младите питомци и идни мировници. Се одржува во периодот од 26 јуни до 6 јули, во Центарот за обука „Пепелиште“ и армискиот полигон „Криволак“ и вклучува 116 учесници од 11 држави, питомци од Австрија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Германија, Романија, Соединетите Американски држави, Косово, Хрватска, Црна Гора и Република Македонија како домаќин.

 

GALLERY