„Националната безбедност и безбедносните предизвици“
Значајот за спроведувањето на семинарот се огледа во теоретската и практичната потреба за запознавање и проширување на веќе стекнатите знаења на професионалниот кадар на органите на државната управа со современите процеси на функционирање на националната безбедност и безбедносните системи во современиот свет, како и ризиците, заканите и предизвиците со кои националната безбедност се соочува.
Семинарот овозможи согледување на резултатите на научните истражувања на реномирани прфесори во сферата на безбедноста, како од Воената академија, така и од универзитетите во Република Македонија. Меѓу значајните аспекти за остварувањето на националната безбедност, на семинарот се говореше за реформите во безбедносниот сектор, влијанието на недржавните актери врз националната безбедност, за меѓународниот тероризам и организиран криминал и рефлексиите кон Балканот, предизвиците на малите држави наспроти големите предизвици, специфичности на предизвиците на системот за одбрана на Република Македонија, безбедноста на информациите, влијанието на мигрантската криза врз националната безбедност, специфичности на електронското разузнавање, улогата на единиците за специјални операции во остварување на националната безбедност и други.
Учесниците на семинарот имаа можност да согледаат модели на оспособување за напредно проценување и согледување на значајните безбедносни аспекти на државата, меѓу кои и безбедносните предизвици. Интерактивниот пристап овозможи зајакнување на индивидуалните способности за пренесување на постигнатите знаења и реализирање на истите во секојдневната професионална практика, што ќе придонесе за успешно реализирање и поддршка на професионалните задачи на повисоко рамниште и поттик за развој на безбедносно-одбранбените политики на државните институции.
На семинарот беа поканети 39 претставници од Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, Министерство за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Агенцијата за разузнавање, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Царинска управа, Комора за обезбедување имот и лица, координативен центар за интегрирано гранично управување, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување.
За подигнување на важноста и значењето на семинарот ќе придонесе тимот на предавачи/ експерти од оваа област д-р Методија Дојчиновски, професор, полковник, Раководител на катедра за безбедност, кризен менаџмент, заштита и спасување, воедно и медиоатор на активноста од Воена академија ,,Генерал Михаило Апостолски“, д-р Трајан Гоцевски, професор – Филозовски факултет, д-р Томе Баткоски, професор – Факултет за безбедност, д-р Оливер Бакрески, професор, раководител на институт – Филозовски факултет, д-р Беким Максути, професор, заменик министер во Министерството за одбрана, д-р Димче Петровки, професор, генерал мајор, Директор на ГШ на АРМ, д-р Атанас Козарев, професор, декан на факултетот за безбедност и детективи-Европски Универзитет на Р.Македонија, д-р Југослав Ачковски, професор, потполковник Заменик раководител на катедра за безбедност, кризен менаџмент, заштита и спасување од Воена академија ,,Генерал Михаило Апостолски“, д-р Зоран Дрдаревски, експерт од практиката – Агенција за разузнавање, м-р Ѓорѓи Вељовски, докторант на ВА – АРМ, м-р Стефанија Агротова, асистент-докторант, Европски Универзитет на Р.Македонија и м-р Душко Петровски, Раководител на сектор во Центарот за управување со кризи.
29.10.2016