Со реализацијата на показната тактичка вежба „Сеопфатен пристап на операциите за поддршка на мирот“, денеска на армискиот полигон „Криволак“ заврши седмиот Летен кампус, на кој учествуваа околу 300 питомци и студенти од 13 држави.
По тој повод, заменик-министерот за одбрана на Република Македонија, Беким Максути, посочи дека претставува чест да се биде на овој настан и да се види како 13 различни култури и нации зборуваат еден заеднички јазик. „Питомците го зборуваат јазикот на лидерството и јазикот на соработката. Тие се идните лидери на своите земји, кои ќе претставуваат мост помеѓу државите и нациите“, посочи земник министерот Максути.
Сценарото на летниот кампус секоја година се надоградува со нови научени лекции, порача деканот на Воената академија, полковникот Орце Поповски. „Нашата основна цел ни е питомците од Република Македонија и питомците од државите кои партиципираат на Летниот кампус да ги обучиме за дејства во постконфликтни подрачја, за воспоставување на мир и соработка со цивилното население во таквите региони“, додаде полковникот Поповски. Тој воедно посочи дека проектот Летен кампус е еден од најдобрите промотори на Академијата речиси насекаде во светот, а пример за тоа е учеството на питомци од три континенти.
Летниот кампус се одржуваше во периодот од 4 до 13 јули, во Центарот за обука „Пепелиште“ и на армискиот полигон „Криволак“.
13.07.2016