Економистите учеа за армиската организациjа

31.05.2016


На ден 13.04.2016 професорот д-р Лазар Ѓуров, доцент, мајор од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ Скопје, придружна членка на Универзитетот „Гоце Делечев“ Штип, на покана на Деканот проф. д-р Љубомир Дракулевски одржа предавање пред студентите од прв циклус на студии на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје.
Предавањето беше на тема „Армијата како пример за организација со строга хиерархиска поставеност, детално уредена внатрешна комуникација и начин на функционирање“. На ова предавање студентите од Економскиот факултет имаа можност да се запознаат со начинот на функционирање на Армијата како организација, нејзината хиерархиската поставеност и регулираноста на односи помеѓу армискиот персонал.
Во текот на целото предавање покрај претставувањето на армијата се направи и паралела помеѓу воената и било која економска организација, со цел студентите да ги препознаат елементите на комуникацијата, менаџментот и лидерството во рамките на секоја организациска целина а воедно е да размислат и согледаат како може армиските карактеристики да ги применат во идното свое функционирање во еконската сфера.
За визуелно да се долови суштината на предавањето и студентите полесно да ја разберат хиерархиската поставеност и правилските одредби во армијата, студентите од Економскиот факултет имаа можност сето тоа да го видат преку практични примери презентирани од страна на нивните колеги од втора и од прва година на Воената академија. Питомците Стефан Андреев, Дамјан Јаневски и Бојан Миклош, дисциплинирано и стручно ја демонстрираа комуникацијата во армијата од аспект поздравување и обраќање помеѓу потчинет и претпоставен. Им презентираа и дел од зборните строеви работи на постројување на оделение. Особено атрактивен сегмент беше вклучувањето на еден од студентите во демонстрацијата. Истиот за краток временски период успеа да ги совлада строевите работи што покажа дека има талент брзо да им се приклучи на армиските структури.
Во текот на целото предавање беше очигледно дека вниманието на студентите беше потполно насочено кон оваа за нив несекојдневната тема. Според интересот и поставените прашања и после предавањето, може со сигурност да заклучиме дека ова предавање го оправда интересот и посетеноста од студентите.