Свечената заклетва на питомците-студентите од прв циклус на студии во учебната 2014/2015 година

06.10.2014

„Бидете посветени на одбраната, на територијалниот суверенитет и интегритет на Република Македонија. Чувајте и штитете го Уставот на Република Македонија. Бидете чесни и имајте ги највисоките морални и етички стандарди во вашето однесување како идни офицери и како граѓани на Република Македонија“.

Тоа им го порача министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, на 32 питомци, кои денес во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје ја дадоа свечената заклетва и со тоа го започнаа едукативниот процес на Воената академија.

Во оваа пригода, министерот Јолевски посочи дека Воената академија е срцевината на офицерскиот кор, која продуцира офицери со високи морални и етички вредности, војници кои треба да имаат можност да се образуваат и во иднина, имајќи предвид дека образовниот процес е континуиран.

Во контекст на новините на Воената академија, министерот Јолевски рече дека воведувањето на половина од курсевите за трета и четврта година на англиски јазик, ќе помогне питомците на Воената академија да поминат најмалку еден семестар на некоја од Академиите на земјите-членки на Алијансата, како и питомци од тие академии да поминат семестар на Воената академија. Ние, истакна министерот, ве подготвуваме да бидете офицери на Република Македонија, офицери на НАТО.

„Пред вас ќе стојат сите правила и прописи кои ќе морате да ги научите и секојдневно да ги почитувате, почнувајќи од раното станување и утринската фискултура до секојдневните предавања, вежби и обука. Професорите од вас ќе бараат знаење, а командирите – дисциплина. Притисокот ќе биде голем, а вие постојано ќе треба да докажувате дека цврсто стоите зад зборовите што пред малку ги изговоривте. Вие треба да ни покажете дека сте подготвени да успеете“, рече деканот на Воената академија, полковникот Орце Поповски на денешната свеченост. Целта, истакна деканот, е питомците да станат одлични офицери и почитувани лидери.

Денес, свечена заклетва дадоа 25 питомци за потребите на Армијата на Република Македонија, како и седум питомци од Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Дел од осумнаесеттата класа на Воената академија се и десет студенти за потребите на Центарот за управување со кризи.

GALLERY