Успешно изведена дводневна работилница на тема енергетската безбедност како дел од мозаикот на националната безбедност и меѓународната безбедност

30.09.2014

“Енергетската безбедност како дел од мозаикот на националната безбедност и меѓународната безбедност“ беше темата на дводневната работилница наменета за висок и среден менаџмент (раководители/заменици)  чии што работни задачи подразбираат стекнување на нови знаења и искуства од оваа област. Работилницата е во организација на Секторот  за човечки ресурси во соработка со Воената Академија “Генерал Михајло Апостолски“ во Домот на АРМ и се одржаа во  период од 25 до 26 септември 2014 година.

Целта на работилницата беше да се развие дебата  и да се согледаат влијанието и ефектите на енергетската безбедност од перспектива на националната безбедност и меѓународната безбедност. Воедно на работилницата се разгледуваше темата од стратешко безбедносен и правен аспект и економски  аспект. Исто така, се разгледа и улогата на македонската дипломатија , информатичката технологија  како и за значењето и улогата на НВО и ЦВО секторот  и на приватните компании/ приватниот сектор.

На работилницата учествуваа 40 претставници од Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија,  Министерството за надворешни работи, Министерство за внатрешни работи, Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за труд и социјална политика,  Министерство за економија, Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за финансии - Управа за финансиско разузнавање, Центарот за управување со кризи,  Дирекцијата за заштита и спасување, Агенцијата за разузнавање, Агенција за електронски комуникации како и претставници од  ЕВН Македонија и Balkan Energy Group.

За подигнување на важноста и значењето на  работилницата придонесе  тимот на предавачи/ експерти кои преку предавања и практични случаи (сценариа) ќе овозможат заедно со учесниците да го споделат сопстевеното искуство и на тој начи да придонесат во изнаоѓање на нови механизми за справување со современите предизвици по енергетската безбедност .

Излагање по одредени теми  од наведената област имаа вонр.проф. полк. д-р. Методи Хаџи Јанев, проф. д-р Горан Чогеља – советник за енергетика во Владата на РМ,  Драги Тарчугоски – помошник –раководител на сектор - ЦУК, Сергеј Иконников – директор на претставништвото на ГАСПРОМ експорт во РМ, м-р Виктор Андов – Министерство за економија,  доц. д-р.полк. Митко Богдановски – Воена Академија, Магдалена Лембовска  - НВО Аналитика –Македонија и м-р Марија Јанкуловска  - Евро -Атлантски  Совет на РМ.

Работилницата ја отвори раководителот на Секторот за човечки ресурси, Ристе Спасовски кој изрази задоволство што со оваа работилница која се организара за првпат на оваа тема се потврдува одличната меѓу ресорска и меѓу институционална соработка на органите на државната управa во Република Македонија за што говори и бројот на заинтересирани предавачи и бројот на присутните учесници.

“Согледувајќи ја потребата од актуализација на значењето на енергетската безбедност која веќе извесен период е на агендата на НАТО, Министерството за одбрана со самата организација на оваа работилница дава конкретен придонес за разбирање на значењето на оваа тема“ истакна г-дин Спасовски.

Учесниците на работилницата ги поздрави и Деканот на Воена Академија, полк. д-р Орце Поповски давајќи акцент на актуелноста на темата на работилницата. “Во последните 20 години енергетската безбедност добива на интензитет на глобален план. Актуелноста на оваа тема е толку голема колку што е голема апсурдноста во која влегува човештвото во енергетската сфера. Впрочем, состојбите говорат дека токму водечките светски економии или веќе ги исцрпеле или се пред исцрпување на сопствените енергетски ресурси, како основен економски и технолошки двигател, па најверојатно често пати таа е основен мотив за појава на кризи проследени со воени состојби во регионите богати со енергенси. Тоа покажува дека основната борба на сите економии во иднина се очекува да биде борба за долгорочно обезбедување на енергетските ресурси и нивен безбеден и евтин транспорт“ истакна полк. д-р. Поповски .

Продеканот за настава на Воената Академија, полк. д-р. Методи Хаџи Јанев, кој воедно е и координатор на  тимот од стручни лица – експерти од оваа област, истакна дека оваа работилница е прва од ваков карактер не само во земјата туку и во регионот. Имено, тој истакна дека оваа тема досега е разгледувана од различни аспекти, економска ефикасност, заштита на животната средина, но не и од аспект на националната и меѓународната безбедност.