Воената академија придружна членка на штипскиот универзитет

27.08.2014

Министерот за одбрана Зоран Коњановски и ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, д-р Саша Митрев денеска потпишаа договор со кој Воената академија станува придружна членка на Штипскиот универзитет.

- По подолго време ја возобновивме Воената академија. Сметавме дека е добро Академијата да биде придружна членка на некој универзитет и затоа се определивме за Универзитетот „Гоце Делчев“, рече министерот Коњановски по потпишувањето на договорот и нагласи дека Универзитетот и Академијата заедно ќе изработуваат научни и наставни планови и програми.

Тој посочи дека питомците во иднина покрај воена ќе може да добијат и цивилна диплома со која ќе им биде полесно да се снаоѓаат.

- Секој што нема да се снајде или нема да сака подолго време да остане во АРМ ќе може да добие соодветна цивилна диплома на Универзитетот „Гоце Делчев“, појасни Коњановски и додаде дека паралелно со Воената академија се планира и концепт за развој на воениот кор.

Ректорот на Штипскиот универзитет Митрев истакна дека е задоволство што Универзитетот добива уште една институција со која ќе соработува.

Министерот за одбрана денеска се сретна и со штипскиот градоначалник Зоран Алексов. На средбата му го образложи проектот за подобрување на стандардот и условите на живот на офицерите, подофицерите и платените војници.

- Во овој момент не можам да ви кажам за каков проект станува збор, бидејќи ќе ми биде потребна поддршка од повеќе градоначаници во земјава кои треба да се согласат за одредени бенефиции или ослободување од комуналниот надоместок, изјави Коњановски по средбата.

Прашан дали станува збор за решавање на станбениот проблем на офицерите и подофицерите, Коњановски рече дека во моментов се работи на решавање на тој проблем.

Градоначалникот Алексов рече дека се согласува со проектот на министерот и додаде дека веднаш ќе започнат со изнаоѓање соодветни локации за изградба на одредени објекти, а потоа ќе му се понудат на министерот за одбрана.


GALLERY