Унапредување на соработката во областа на сајбер безбедноста – посета на делегација од министерството за одбрана на нато центарот во естонија

27.08.2014



Во периодот од 16-18 март 2014 година, Делегација од Министерството за одбрана и Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ оствари посета на НАТО центарот за кооперативна сајбер одбрана во Талин, Естонија.

Домаќин на делегацијата од Република Македонија составена од деканот на Воената академија полковник д-р Орце Поповски, полковник д-р Методи Хаџи-Јанев, потполковник д-р Митко Богдановски, како и шефот на кабинетот на МО на РМ, Илир Селмани, беше советникот на министерот за одбрана на Естонија, генерал потполковник во пензија Јоханес Керт, основач на НАТО центарот за одличност за кооперативна сајбер одбрана (НАТО центарот за одличност) во Талин и Балтичкиот колеџ за одбрана во Тарту.

При посетата на НАТО Центарот за одличност, полковникот Поповски на Заменик директорот на НАТО Центарот му предаде писмо за намери, потпишано од страна на министерот за одбрана на РМ, во кое се искажува решеноста за воспоставување на поблиска соработка во областа на сајбер безбедноста и потребата за поддршка на градење на капацитетите на идниот Институт за Хибридни закани, сајбер безбедност и дигитална форензика (идеен проект на Воената академија и МО).

Воедно во рамки на посетата на Балтичкиот колеџ за одбрана беше разговарано за можната соработка на воените академии и високи школи со која се овозможува меѓусебна размена на кадри, студенти, но и се отвораат можности за организирање на заеднички истражувања. Дополнително на ова, постојат можности за воспоставување на линк на ниво на командо-штабните академии и организирање на заеднички вежби на ниво на оперативно планирање.

Оваа посета беше потпомогната од д-р Итамара Локхард, директорoт на Иницијативата за сајбер безбедност при Институтот за меѓународни односи, Монтереј со која Воената академија има потпишано Меморандум за соработка во областа на образованието и едукацијата и од неговата екселенција и од Амбасадорот на Република Македонија во Естонија, Сашо Вељановски.

Посетата на македонската делегација на Естонија се должи на потребата за унапредување на соработката во доменот на образованието и едукацијата во областа на сајбер безбедноста, како круцијален елемент на севкупната безбедност на државите во новиот милениум.


GALLERY