„Воената академија со своето работење изминатите години сè повеќе го привлекува вниманието на јавноста и од тој аспект сè почести се авторитетите и гостите кои се подготвени да предаваат на Воената академија и да ги пренесат своите искуства од работењето“, истакна заменик министерот за одбрана на Република Македонија, Емил Димитриев, по повод денешното предавање на амбасадорот на САД во нашата држава, Пол Волерс, на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.
Воедно, заменик министерот Димитриев посочи дека успешноста на Воената академија се мери по повеќе параметри меѓу кои и она што може да се слушне од претпоставените на неодамна промовираните офицери, кои велат дека станува збор за исклучително квалитетни кадри кои се добро образовани, високо обучени и дека се една одлична перспектива на нашата армија. Другиот параметар, додаде заменик-министерот Димитриев е фактот дека на Воената академија се школуваат кадети од три други земји од регионот. „Да школувате кадри за вашата армија во друга земја значи дека сте уверени во квалитетот на таа институција“, рече заменик министерот Димитриев.
Амбасадорот на САД, Пол Волерс, пак, истакна дека му е задоволство што има можност да предава на Воената академија, особено ако се има предвид дека и тој самиот е дипломец на поморската академија во САД. „Многу е битно тоа што постојат вакви институции кои вршат обука на кадети и на кадри од средно ниво. На тој начин се посветува големо внимание на нивните лидерски способности“, посочи амбасадорот Волерс во оваа прилика.
На денешното предавање на кои присуствуваше и државниот секретар во Министерството, Сашо Стефаноски, студентите на Командно-штабната академија имаа можност да се запознаат со улогата на воената дипломатија во меѓународните односи, додека, пак, од излагањето на военото аташе на САД во Република Македонија, полковникот Џефри Предмор, се запознаа и со изборот, едукацијата и улогата на т.н. „foreign area“ офицери кои се значаен дел на воената дипломатија.
27.08.2014