“Денес официјално започна еден од највозбудливите периоди во академската година. Во релативно кратко време, секој учесник на меѓународниот високо-образовен одбранбено-безбедносен проект ќе има можност да го надгради своето знаење и обука и да склучи нови пријателства, кој ќе помогнат во градењето на нивната понатамошна кариера.- со овие зборови деканот на Воената Академија полк. Д-р Орце Поповски го започна отварањето на летниот кампус 2014 во центарот за обука “Пепелиште”. На отворањето следен се обрати проф. Д-р Кирил Цацков, член на сенатот на Универзитетот “Гоце Делчев”-Штип, кој го изрази своето задоволство што нашата држава е домаќин на една ваква меѓународна активност. За крај на оваа церемонија се обрати заменик министерот за одбрана г-дин Емил Димитриев кој истакна дека до соодветен одговор на современите закани може да се дојде само преку развивање на регионална и мултилатерална соработка. Неговата визија со овој проект, е да се дизајнира платформа каде што уште од почеток учесниците ќе научат како да соработуваат во мултинационална средина, да научат како да покажуваат почит еден кон друг, како да ги обединат нивните напори, да ја анулираат нивната слабост и да научат како да го почитуваат локалното население на теренот во кој ќе оперираат. На крајот Заменик министерот на учесниците им посака успех во оваа активност и го прогласи кампусот за отворен. Летниот кампус 2014 е петти по ред и се одржува од 10.06 до 20.06 2014г. Земји кои учествуваат во овогодишниот кампус се Босна и Херцеговина, Бугарија, Германија, Обединетото Кралство, Република Косово, Соединетите Американски држави, Турција, Црна Гора и Република Македонија како домаќин. На кампусот исто така има и учесници од Универзитетот Кирил и Методи, Европскиот универзитет, од Факултетот за безбедност од Скопје, Меѓународниот славјански универзитет и Бизнис академија Смиленски.
27.08.2014