Новите офицери подготвени да служат на својата армија – промоција на 14. класа питомци на воената академија

27.08.2014



Триесет и четири питомци од 14. класа на Воената академија како и двајца слушатели на родот авијација, денеска на свеченост во касарната „Гоце Делчев“ беа промовирани во офицерски чин.

По тој повод, министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, на новорпомовираните поручници и потпоручници им порача дека токму нивната посветеност, нивното залагање се доказ дека во Армијата на Република Македонија има место само за ’најдобрите од најдобрите’“. „Сигурен сум дека достојно ќе одговорите на предизвикот да се биде офицер и дека ќе ги направите вашите родители, Македонија и Црна Гора горди што имаат синови и ќерки како вас“, додаде министерот, имајќи предвид дека во рамките на 14. класа студираа 28 питомци од Република Македонија и 6 питомци од Црна Гора.

Пред присутниот државно-воен врв, меѓу кои и претседателот на РМ, Ѓорге Иванов и началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески, потоа заменик-министерот за одбрана, заменикот на началникот на ГШ, државниот секретар во МО, деканот на Воената академија, делегација од Црна Гора и други, министерот Јолевски се осврна и на местото на Воената академија во образовниот систем и идните планови за нејзин развој.

„Имајќи предвид дека образованието и едукацијата се клучната алка за успех на секое поле, вклучително и одбраната, ние во наредниот период планираме да ја етаблираме Воената академија, како респектиран регионален центар за обука на офицери според стандардите на земјите членки на НАТО“, рече тој. Нашата намера е, додаде министерот Јолевски, одредени наставни програми во трета и четврта година на Воената академија да се спроведуваат и на англиски јазик, со што ќе се овозможи идните офицери на АРМ и на Армиите од земјите од регионот кои школуваат свои кадри тука да бидат целосно интероперативни со членките на НАТО.

Мојата цел, заклучи министерот Јолевски пред присутните, е да имаме уште посилна Воена академија која ќе продолжи да продуцира кадри за почит.

Прворангираниот питомец од оваа класа, потпоручникот Ненад Дубљевиќ, од името на сите свои колеги се заблагодари за поддршката која ја добивале од своите професори и ментори за време на школувањето. „Ви благодариме за високото ниво на знаење кое ни го пренесовте и се надеваме дека ќе ве направиме горди на нас“, рече потпоручникот. Обраќајќи им се на своите колеги, тој рече: „Денес нашиот сон е јаве!“.

На свеченоста тројцата прворангирани потпоручници добија подароци од претседателот, министерот за одбрана и началникот на Генералштабот.

Во рамките на 14. класа на Воената академија, со чин потпоручник се здобија 10 припаднички на женскиот пол, од кои 8 од Република Македонија и 2 од Црна Гора.

Воедно, денес, во министерството за одбрана, претставниците на Црна Гора кои присуствуваа на свечена промоција, остварија и средба со државниот секретар во министерството, Сашо Стефаноски, на која изразија благодарност за можноста лица од оваа земја да се школуваат на Воената академија во Република Македонија, како и за помошта од македонското министерство за одбрана во изградбата на институционалните капацитети од самиот почеток во 2006 година. Државниот секретар Стефаноски, пак, истакна дека ние сме отворени за продолжување на меѓусебната соработка, која, посочи, претставува столб на развивањето на интероперативноста во регионален контекст, но и во иднина, во НАТО-контекст. Жалиме што поканата за членство во НАТО изостана, и разбираме како се чувствувате, рече државниот секретар, и додаде дека Македонија е во 15-от циклус на Акциониот план за членство и во таа насока ние сме подготвени да помогнеме на секој можен начин.

На средбата, како идни области во кои може да се продлабочи соработката, споменати беа Центарот за обука на пилоти во Република Македонија кој поседува врвна технологија и стандарди на работа, како и Балканските медицински сили кои се многу значаен регионален проект.


GALLERY