Хуманитарна акција на питомците – учесници на летниот кампус 2014

27.08.2014

Питомците од „Летниот кампус 2014“ во координација со Црвениот крст на Република Македонија и локалната самоуправа на општина Неготино, денес, на Центарот за луѓе со пречки во развојот „Порака” – Неготино му донираа еднодневна ужина и други подароци од сите припадници на овој меѓународен проект.

Оваа активност која е дел од цивилно-воената соработка, применувајќи го принципот на директно учење низ искуство, инволвираше тим од дванаесетмина питомци од Република Македонија, Обединетото Кралство, САД, Бугарија, Косово, Црна Гора, Турција, Босна и Херцеговина и студенти од факултетите од Република Македонија. Со оваа активност, учесниците на Летниот кампус на дело ја покажаа својата хуманост, а воедно и ја зајакнаа довербата кај месното население во воениот персонал, демонстрирајќи високо ниво на свесност на воената организација за реалните потреби на заедницата.

Истовремено, питомците и студентите организирани во мултинационални тимови, во изминатите два дена реализираа голем број активности, меѓу кои и тактичкиот борбен тренинг со оклопно возило „Хермелин“, извежбување на процедури поврзани со импровизираните експлозивни направи, извежбување на пристапот, заминувањето и останатите процедури поврзани со операциите со хеликоптери, цивилно-воената соработка, нуклерано-хемиско-биолошкиот тренинг и медиа-тренингот на основно ниво.

Во текот на вчерашниот ден „Летниот кампус 2014“ беше посетен и од австриското одбранбено аташе акредитирано за Република Македонија, потполковник Мартин Шисер, кој лично се информираше за сите активности на овогодинешниот „Летен Кампус“.