Академски бал за питомците од 14. класа на воената академија

27.08.2014



По повод завршувањето на додипломските студии на 14 класа питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје, денес во Домот на АРМ се одржа Академски бал.

По повод оваа пригода, министерот за одбрана, Зоран Јолевски, во своето обраќање пред присутните питомци, идни офицери во Армијата на Република Македонија најнапред го искажа своето задоволство што заедно со питомците го одбележува завршувањето на додипломските студии.

– Пред вас следува период кој благодарение на вашето стекнато образование е значајно не само за вас и за вашите блиски, туку уште позначајно е и за Република Македонија. Како идни офицери, во вашите раце ќе биде безбедноста и стабилноста на нашата татковина. Убеден сум дека и вие како и нашите мировници достојно ќе ја претставувате Армијата на Република Македонија, како внатре така и надвор од нашата земја, истакна министерот Јолевски.

Во годините што ги поминавте заедно се стекнавте со знаење кое ќе ќе биде добра основа да продолжите да ја градите вашата едукација и искуство и кое ќе ви биде многу корисно за идниот ангажман во единиците на АРМ, рече началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, Генерал – потполковник, Горанчо Котески. Тој воедно додаде дека за време на четири годишната обука, многу предизвици беа надминати и не се сомнева дека и во иднина како офицери успешно ќе ги надминуваат предизвиците кои следат.

Деканот на Воената академија, полковникот Орце Поповски пред присутните гости изрази благодарност до професорите, соработниците и другиот персонал од Академијата, без кои денес немаше да имаме прилика да го славиме успехот на новите офицери. Во оваа прилика тој изрази благодарност и до министерот Јолевски за безрезервната поддршка која ја дава на оваа институција уште од првите моменти на преземањето на функцијата. На самиот крај од своето обраќање, полковникот Поповски на идните офицери им посака успех во новите животни предизвици.

Покрај питомците од 14 класа на денешната свеченост беа дел и шесте питомци од Црна Гора кои, исто така, ги завршија додипломските студии на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје .


GALLERY