Воената академија домаќин на уште една елитна НАТО школа за сајбер одбрана

10.11.2014

 



Во период од 08-12 Декември 2014 година во Охрид, Воената академија од Скопје во соработка со НАТО центарот за извонредност – „NATO Centre of Excellence-Defense Against Terrorism (COE-DAT)“ од Анкара, Република Турција, ќе биде домаќин на НАТО Регионалната школа за сајбер одбрана на тема „Користењето на сајберпосторот од страна на терористите“. Учество во курсот ќе земат Земјите од регионот на Југоисточна – НАТО членките (Словенија, Хрватска, Албанија и Бугарија) како и земјите од Партнерството за мир (Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Србија).

Овој проект е спонзориран од Програмата на НАТО „Наука, мир и безбедност“ и претставува втор ваков проект добиен од НАТО. Проектот е реализиран на предлог идејата која ја даде ко-дриекторот на оваа школа, вонреден професор д-р Методи Хаџи-Јанев, полковник, продекан за настава и Научно истражувачка работа на Воената академија како ко-директор од земјата партнер. Во него како НАТО ко-директор учествува и д-р Мехмет Несип, кој е професор во НАТО центарот за извонредност во Анкара. При дизајнирањето на програмата и мобилизирање на тимот на предавачи учествуваа и други врвни експерти од САД, Велика Британија, НАТО и Турција.

Оваа НАТО напредна школа е наменета за: запознавање на учесниците со начинот со кој терористите го користат сајбер просторот и новите технологии, да даде продлабочена анализа за справување и заштита од овој тип на активности на терористите, како и за креирање на регионална соработка меѓу учесниците – која е основна компонента за справување со терористите и нивната употреба на сајбер просторот и напредните технологии.

Курсот ќе се состои од четири делови распределени во пет дена додека трае курсот. Ќе се разгледуваат стратешки/политички, правни и технички аспекти поврзани со темата. Во првиот дел ќе се разгледаат политичките и стратешките аспекти, во вториот дел ќе бидат опфатени правните аспекти кои ќе бидат проширени со обука во техничките аспекти (третиот дел). На крајот, корисниците ќе бидат оспособени да креираат насоки за стратешки пристап во градење на политики кои треба да придонесат кон ограничување на злоупотребата на сајберпосторот од страна на терористите, во кои ќе ги вметнат политичките, стратешките, правните и техничките компоненти разработени за време на курсот

Овој голем настан е уште еден од низата чекори кои Воената академија ги презема за градење на сопствени капацитетите од доменот на едукацијата во сајбер безбедноста и дигиталната форензика.