
Ќире Јаќимоски е роден на 17.11.1979 година во Гостивар, Р. Македонија. Основно образование има завршено во ОУ „Гоце Делчев“, Гостивар, а потоа своето средно образование го завршува во гимназија „Панче Попоски“, природно-математичка насока во Гостивар, Р. Македонија прогласен како ученик на генерација во јуни 1998 година со просек 5,00. Истата година тој се запишува на Воената Академија „Генерал Михаило Апостолски“, Скопје, Р. Македонија, на родот Врски. Студирањето го завршува на 26.07.2002 година со изработка на дипломска работа со наслов „Геоинформацискиот систем во телекомуникациите“. Воената Академија ја завршува со највисок просек во генерацијата - 9,41.
На 12.02.2003 година се запишува на постдипломски студии на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје под менторство на проф. д-р Борис Спасеновски. Во период од 3 години на 07.04.2006 година ги завршува предвидените испити со средна оцена 9,5 и се пријавува за одбрана на магистерски труд со наслов „Анализа на влијанијата на конфигурациите на антените од базните станици и конфигурациите на сајтовите од базните станици на клучните параметри во WCDMA целуларните мрежи“. Магистерскиот труд успешно го одбрани на 08.06.2007 година.
После одбраната на магистерскиот труд веднаш започнува со докторски студии на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, Р. Македонија под менторство на проф. д-р Тони Јаневски. Докторската дисертација со наслов „Решенија за интеграција на мобилни целуларни мрежи и безжични мрежи со поддршка на квалитетот на сервисите“ јавно ја одбрани на 22.10.2013 година со што се стекнува со академски степен доктор на технички науки.