Зајакнување на стратешкото партнерство: Норвешка делегација во посета на Воената академија

25.02.2025

Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ на 20 и 21 февруари ја пречека делегацијата од Националниот одбранбен универзитетски колеџ на Норвешка и Воената академија, предводена од раководителката за интернационализација и координаторка на програмата Еразмус+ Марит Рие-Рамберг. Посетата беше фокусирана на зајакнување на академската соработка, дискусија за програмата Еразмус+ и разгледување на идни заеднички иницијативи.

Делегацијата се сретна со раководството на академијата за да ги разгледа тековните проекти и идните можности за соработка. Делегацијата имаше и обиколка низ Академијата, при што се запозна со нејзините академски капацитети и објекти на Академијата. Исто така, во склоп на посетата, делегацијата ги посети норвешките питомци кои во моментов се на размена преку Еразмус+ во Воената академија, зајакнувајќи ги академските и институционалните врски.

Националниот одбранбен универзитетски колеџ на Норвешка и Норвешката воена академија се стратешки партнери на Воената академија, со долгорочна соработка во областа на военото образование и академската размена.

Како дел од посетата, беше организирана и културна тура низ Скопје. Успешната размена ги продлабочи партнерските односи меѓу двете институции, отворајќи пат за натамошна соработка во военото образование.

Галерија