Учество на Воената академија на годинашата конференција на Партнерството за Мир (PfPC) во Виена

12.02.2025

Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје активно учествуваше на годишната конференција на Партнерството за Мир (PfPC), која се одржа во Националната академија за одбрана во Виена, Австрија, во периодот 28-30 јануари 2025 година. Оваа конференција претставува значаен форум за размена на знаење и искуства меѓу високи претставници, академици и експерти од областа на безбедноста и одбраната. Главен фокус на настанот беа когнитивната војна, хибридните закани и образовната соработка во регионот.

Во рамките на официјалната програма, деканот на Воената академија, проф. д-р Митко Богданоски, учествуваше како панелист во сесијата „Dueling Perspectives: Collaborating and Competing in the Cognitive Realm“. Заедно со експерти од Финска, САД, Швајцарија и Германија се дискутираше за предизвиците што ги носи когнитивната војна, техниките на манипулација со перцепцијата и потребата од засилена меѓународна соработка за спротивставување на овие закани.

Во своето излагање, проф. Богданоски се осврна на реални примери од Западен Балкан. Во дебатата беа нагласени предизвиците со кои се соочуваат државите во справување со когнитивната војна, како и стратегиите за одбрана преку засилена меѓународна соработка, едукација и зајакнување на институционалната отпорност.

Во рамките на постер-сесијата „Gallery Walk: Educational Cooperation in the Balkans“, проф. д-р Билјана Каровска од Воената академија учествуваше како претставник на NATO Defence Education Enhancement Programme (NATO DEEP), каде што го презентираше нивниот ангажман во унапредувањето на военото образование во регионот. Преку ова претставување, Воената академија ја истакна својата улога како активен партнер во програмите на НАТО DEEP, кои имаат за цел да ги унапредат капацитетите на военообразовните институции низ регионот.

Конференцијата на Партнерството за Мир (PfPC) се докажа како значаен форум за размена на знаења и искуства меѓу научната заедница, безбедносните институции и воените структури. Учеството на Воената академија во оваа конференција придонесе за:

  • Продлабочување на академската и стратешката соработка со НАТО и партнерските држави.
  • Зајакнување на улогата на Воената академија како клучен центар за безбедносни студии во регионот.
  • Развој на нови иницијативи во доменот на когнитивната војна, хибридните закани и одбранбеното образование.

Со активна соработка, едукација и размена на искуства, Воената академија продолжува да игра клучна улога во градењето на отпорни безбедносни структури и академски капацитети, со цел ефикасно справување со современите безбедносни предизвици.

#PfPC #MilitaryAcademyMK #NATO #NATODEEP #CognitiveWarfare #Security #Education #InternationalCooperation

Галерија