Почеток на втор циклус на студии за учебната 2024/25 година

12.12.2024

На 10 декември 2024 година, во Амфитеатарот на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, се одржа свечениот почеток на магистерските студии за учебната 2024/25 година. Настанот го отвори деканот на академијата, полковник проф. д-р Митко Богданоски, кој ги поздрави новите студенти и ја нагласи важноста на нивниот ангажман и упорност за успешно завршување на вториот циклус на студии.

Во своето обраќање, деканот ги претстави програмите на вториот циклус студии, кои опфаќаат клучни области како што се командно-штабни должности, безбедност и одбрана, сајбер безбедност и дигитална форензика, како и управување со кризи и заштита. Тој нагласи дека студиите се креирани да одговорат на најновите предизвици и барања во областа, а се базираат на најсовремените научни достигнувања и искуства од престижни светски универзитети.

Продеканот за настава, полковник проф. д-р Ненад Танески, накратко ја презентираше структурата на студиите, истакнувајќи дека наставата ќе започне на 16 декември 2024 година и ќе се одвива претежно онлајн во попладневните часови. Практичната настава, особено за предметите што вклучуваат теренски активности, ќе се спроведува со физичко присуство според однапред утврдениот план.

Полковникот проф. д-р Славко Ангелевски ја истакна значајната улога на секторот за втор и трет циклус на школување, кој активно ги поддржува студентите, а детална предметна програма за сите насоки беше презентирана од страна на потполковникот проф. д-р Андреј Илиев.

Им посакуваме успех на новите студенти на вториот циклус студии и успешен почеток на нивното академско патување!

Галерија