Институтот за сајбер безбедност и дигитална форензика при Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ - Скопје, во соработка и со поддршка од Министерството за одбрана и Министерството за дигитална трансформација, организира симулациската вежба на тема „Справување со фишинг и рансомвер напади“.
Настанот официјално го отворија деканот на Воената академија, проф. д-р Митко Богданоски, и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски. Во своето обраќање, деканот Богданоски, потенцираше дека согласно обврските и одговорностите предвидени во Националната стратегија за сајбер безбедност, Институтот ќе даде максимална поддршка во јакнење на капацитетите за сајбер безбедност и дигитална форензика не само во државата, туку и пошироко.
Министерот Андоновски истакна дека му е чест што присуствува на првата официјална активност на новиот Институт за сајбер безбедност и дигитална форензика и нагласи дека ова е само почеток на една динамична и продуктивна соработка со Воената академија, која ќе донесе значајни резултати во иднина.
Целта на оваа вежба е да ја унапреди националната сајбер отпорност, да ги зајакне капацитетите на сајбер професионалците за ефективен одговор на инциденти и да го подобри квалитетот на кризна комуникација и координација меѓу институциите.
Преку практични сценарија, учесниците – претставници од различни владини институции – ја усовршуваат својата способност во повеќе области. Вежбата се фокусира на детекција и одговор на фишинг и рансомвер напади, спроведување координирани мерки за минимизирање на штетите од сајбер инциденти и развивање стратегии за ефикасна кризна комуникација.
Воената академија активно поддржува национални и регионални иницијативи за сајбер безбедност, зајакнување на капацитетите на јавниот и приватниот сектор, како и поттикнување на иновации и претприемништво, препознавајќи ја критичната важност на овие активности за безбедноста и просперитетот на современото општество. Во рамките на оваа визија, Институтот за сајбер безбедност и дигитална форензика, основан согласно Националната стратегија за сајбер безбедност, не само што се стреми да прерасне во водечки центар за истражување, развој и едукација, туку и активно работи на создавање решенија кои ќе одговорат на најсовремените предизвици во областа на сајбер безбедноста, дигиталната форензика и заштитата на податоците, притоа промовирајќи меѓународна соработка и размена на знаења.
Со својата работа, Институтот придонесува за создавање нови професионалци преку академско образование, професионална обука, практични вежби и развој на технички решенија за справување со современите сајбер предизвици.
Оваа симулациска вежба претставува значајна иницијатива за зајакнување на нашата национална сајбер отпорност.