Иднината на огнената поддршка е во сигурни раце

05.12.2024

Во светот на артилеријата, прецизноста, точноста, брзината и масовноста на огнот се круцијални за остварување на мисијата. За ова да стане реалност, подготовката и извежбувањто се најважни.

На 27.11.2024 година питомците од 4. година од родот артилерија, во рамки на наставата за време на семестарот, реализираа подготвителното гаѓање на рб.17 со хаубички вод 105mm со вметната цевка 20mm, организирано од артилерискиот баталјон од 1.пбр.

Главната цел на гаѓањето беше на питомците да им се овозможи реално да ги применат своите стекнати знаења по предметите Артилериско вооружување опрема и инструменти (АВОИ) и Артилериско вооружување со подготовка на артилериските дејства 1 (АВПАД 1).

Питомците под менторство на м-р Бојан Миклош, поручник, рамо до рамо со искусните професионалци од артилерискиот баталјон, питомците одлучно и во целост ги оправдаа улогите кои им беа доделени: нишанџија, помошник нишанџија, преден набљудувач и командир на одделение.

Вака ангажираните питомци добија можност да го усовршат своето командување, да стекнат самодоверба во практично применување на своето знаење во ракување со артилерискиот оган, да ја разберат сложеноста на артилериската координација и да ја сфатат тежината на нивните одговорности за време на гаѓањето.

На гаѓањето беа присутни и питомци од 3. година од родот артилерија, кои го набљудува гаѓањето и добија увид во нивните идни улоги и стандардите што ќе треба да ги исполнат.

Одличните резултати постигнати во гаѓањето, посведочија дека питомците не се подготвуваат само за положување на предвидените испити, туку дека ги поставуваат темелите за нивните идни улоги како лидери во националната одбрана.

Активностите како оваа служат како одличен пример за функционалната соработка помеѓу Воената академија и Армијата. Изразуваме голема благодарност до артилерискиот баталјон за соработката, професионалноста и поддршката во образованието на идните артилериски старешини.

Активноста заврши со силно изразени чувства на ентузијазам, мотивираност и задоволство кај питомците кои со нетрпение го очекуваат следното гаѓање. Додека последните плотуни одекнуваа низ „Леково“, едно беше јасно: иднината на македонската огнена поддршка е во сигурни раце.