Во периодот од 19.11.2024 година до 20.11.2024 година, во амфитеатарот на Воената академија, беше реализирана Работилница на тема „ГЕНЕРАЛОТ АПОСТОЛСКИ Е ЛИДЕР КОЈ ДЛАБОКО ИНСПИРИРА“, во организација на новоформираната Секција по Лидерство, под раководство на проф. д-р Лазар Ѓуров, потполковник. Работата на Секцијата, како и организацијата на оваа работилница, во целост беше поддржана од Деканот на Воената академија проф. д-р Митко Богданоски, полковник. Целта на работилницата беше питомците од прва до четврта година, да го персонализираат лидерството преку ликот и делото на Генералот Михаило Апостолски – патронот на Воената академија.
Работилницата беше поделена на неколку делови. Таа започна со краток вовед за мотивот, целта и содржината која ќе се опфати, а, потоа, бешe прочитано десет-минутно експозе, преку кое питомците ги запозна со најважниите моменти од животот на Генерал Михаило Апостолски, при што имаа можност да видат слики од клучните моменти од неговиот животен пат.
Главниот дел на работилницата, кој беше реализиран од м-р Бојан Миклош, асистент, поручник, се состоеше од проекции на исечоци од филмот „Портрет - Генерал Михаило Апостолски“, преку кои питомцте, покрај тоа што се запознаваа со различни аспекти од ликот, животот и делото на ген. М. Апостолски, го анализираа на неговиот карактер, лидерски стил, начинот на комуникација, неговата тактичка мудрост и вештина во командувањето. Дискусиите кои следуваа после секој исечок, резултираа со бројни научени лекции, кои питомците ги запишуваа, меѓу кои како највпечатливи се издвојуваат:
• Упорноста води до успех.
• Никогаш не се фали со успехот на единицата, како твој личен успех.
• Донеси одлука! Секоја одлука е подобра, отколку да не донесеш одлука.
• Кога влегуваме во непознато, влегуваме со верба дека ќе успееме.
Делот кој највеќе ги инспирираше питомците и на двете работилници, беше оној во кој ген. Апостолски зборува за тоа што го мотивирало и го правело среќен, на што одговара: „Ако би тоа можел да го кажам со еден збор, тоа е само работата...и тоа нужно е да се објасни: Ме чинеше среќен кога почна Револуцијата и се трудев што повеќе да се оддолжам кон својот народ. А кога заврши Револуцијата сметав за сопствен долг, пак да работам. Сега, тоа што го доживеа нашиот народ во Револуцијата да го ставам на лист, да остане на идните генерации. И мислам дека само трудот, работата, не залуднда, но, една творечка работа човекот го прави среќен, бидејќи остава зад себеси нешто што има трајна вредност. Зошто човечкиот живот е пролазен, но, тоа што тој остава зад себе, тоа е трајно... и тоа мене ме чини среќен“. Во оваа изјава питомците ги препознаа вредностите на Воената Академија: Знаење, Чест, Служба, Татковина. Имено, истите овие вредности го воделе генералот Апостолски во текот на неговиот живот и кариера, а, во „идните генерации“ за кои зборува генералот, се препознаа себеси и својот одговор на војничкиот повик.
Исполнети со чувства на мотивираност, воодушевеност и инспирација од ликот и делото на патронот на Воената академија, питомците го поздравија крајот на Работилницата со громогласен аплауз и пофалби кон своите колеги: М. Наумовски, Д. Галевски, И. Стоилковски, С. Ќушкоски, Д. Темелковски и Г. Станоески.
Доказ дека настанот навистина ги инспирираше питомците и дека иницијативите на Секцијата по Лидерство, ќе бидат секојдневие, говори фактот дека веднаш по завршетокот на работилниците групи на питомци доброволно побараа да станат членови на секцијата. Ваквата иницијативност кај младите лидери кои ги школува Воената академија, ветува сигурност и оптимизам за почеток на плодни офицерски кариери во иднината.