Во рамки на нашата континуирана посветеност за унапредување на образованието и одбраната, Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ и Општина Штип потпишаа меморандум за соработка кој има за цел зајакнување на партнерствата во областа на образованието, безбедноста и иновациите.
Меморандумот беше потпишан на 22.11.2024 година од страна на деканот на Воената академија, проф. д-р Митко Богданоски, полковник, и градоначалникот на Штип, г-дин Иван Јорданов.
Како дел од напорите за активно започнување на соработката и реализација на идните заеднички проекти продеканот на воената академија проф. д-р Ненад Танески, полковник, оствари успешна средба со градоначалникот.
Овој меморандум ќе отвори нови можности за обуки и заеднички проекти кои ќе придонесат за подобрување на капацитетите на локалните институции и зголемување на заедничката ефикасност во справувањето со современите безбедносни предизвици.
Со задоволство продолжуваме да градиме силни партнерства кои ќе имаат долгогодишни позитивни ефекти на нашата заедница и на зајакнување на капацитетите на идните лидери во безбедносниот сектор.