Од 4 до 8 ноември 2024 во Малага, Шпанија се одржаа осумнаесеттата Конференција за опeрациони истражувања и анализа на НАТО и 54-от бизнис состанок на Панелот за системска анализа и студии (SAS), на кои како главен национален претставник во панелот учествуваше д-р Невена Серафимова, наставник и продекан за финансии и инвестиции на Воената академија. SAS панелот е еден од седумте панели во Организацијата за наука и технологија (STO), примарна организација на НАТО за одбранбена наука и технологија. Темата на овогодишната конференција беше „Соработка за овозможување на воена предност во нестабилниот свет“ и е мотивирана од развојот на соработката помеѓу членките на алијансата во врска со одбранбени и безбедносни прашања, градење на доверба и конечно превенирање на конфликти. Согледувајќи го постојаниот притисок на кој е подложен современиот меѓународен поредок, се разгледуваат проблеми кои се појавуваат во меѓусебното разбирање и интероперабилноста, а се поврзани со различниот технолошки и воен развој на членките. Во фокусот се начините за нивно ублажување преку аналитички методи кои се адаптабилни на различни организиции и нации, а во насока на овозможување на ефективна соработка.
Главните говорници на конференцијата ги вклучија полковникот Матие Понин-Балом, шеф на огранокот за оперативна анализа (NATO HQ SACT), генералот (во пензија) и поранешен началник на норвешката одбрана Свере Дизен, проф. Катри Пинониеми, вонреден професор на Универзитетот во Хелсинки и д-р Брајан Велс, главен научник на НАТО. Д-р Велс му оддаде признание на добитникот на наградата за главен научник за операциони истражувања и анализа (OR&A), професорот Ричард Алингтон, за неговата работа во унапредувањето на аналитичките пристапи на НАТО.
Првите два дена од настанот опфатија широк спектар на презентации и дискусии организирани во 15 секции и две работилници, покривајќи критични области како што се теоријата на одвраќање, организациската анализа, новите технологии и повеќе-доменските операции. Сесиите, исто така, се фокусираа на етичките размислувања за вештачката интелигенција во одбранбената анализа и новите рамки за скенирање на хоризонтот за предвидување и справување со идните закани. Беше одржана и работилница за обука во доменот на алтернативните операциони анализи на НАТО.
Наградата за најдобар труд на конференцијата му беше доделена на г-дин Рик Месен oд холандската организација за применети научни истражувања (TNO), за неговиот труд на тема „Проценување на идните технологии преку хибриден објектив“. Ова признание ја нагласува виталната улога што OR&A ја игра во подобрувањето на оперативните и стратешките капацитети на НАТО, особено во контекст на истражувањата поврзни со новите технологии.
Организацијата на НАТО за наука и технологија (STO) е примарна организација на НАТО за одбранбена наука и технологија. Мисијата на STO е промовирање и спроведување на истражување и размена на информации во рамките на НАТО и меѓу неговите партнери, спроведување и промовирање на активности во областа на науката и технологијата, стратешко овозможување на знаење и технолошка предност за одбранбената и безбедносната положба и со тоа, обезбедување поддршка на одлучувањето во рамки на алијансата.