На ден 30.10. 2024 година, студенти и средношколци учесници на 4-та НАТО Академија, организирана од невладината организација Euro-Atlantic Council of Macedonia (АТА) во Северна Македонија, ја посетија Воената Академија "Генерал Михаило Апостолски" - Скопје.
Воведно обраќање дадоа потполковник Александар Петровски, вонреден професор како одговорен за активноста и генералниот секретар на АТА г-дин Илија Џугуманов, при што изразија задоволство од досегашната соработка и меѓусебна поддршка. Во рамките на посетата, на присутните им беше накратко презентирано од страна на потполковник Димитар Богатинов, вонреден професор, за историјата, мисијата и значењето на Воената Академија, која е единствената воено-образовна институција во државата, посветена на едукација и развој на идните лидери и професионалци во областа на одбраната.
Посетителите имаа можност да ги разгледаат современо опремените училници и лаборатории на Катедрата за Сајбер безбедност и дигитална форензика, кои се снабдени со најсовремена ИТ и технолошка опрема за поддршка на истражувањата и практичната обука на студентите. Исто така, беше организирана посета на лабораторијата за природно и воено-технички науки, каде што мајор д-р Љупчо Шошоловски ги запознаа учесниците со најновите научни методи и технологии од областа на хемијата и експлозивите кои се применуваат во рамките на обуката на Академијата и потребите на Армијата.
Воената Академија веќе неколку години соработува со Euro-Atlantic Council of Macedonia, а ваквите активности ја зајакнуваат заедничката цел за поддршка на едукацијата и професионалниот развој на младите во областа на безбедноста и одбраната. Академијата е отворена за идни соработки и активности со организацијата, со цел поддршка на младите кои покажуваат интерес за националната безбедност и НАТО интеграцијата на државата.
Воената Академија исто така е отворена за сите студенти кои сакаат да продолжат со едукацијата на втор и трет циклус на студии, овозможувајќи им уникатна можност за висококвалитетно воено образование и обука која ги подготвува за предизвиците на современото општество.
На заедничко задоволство активноста беше успешно реализирана со искажување на покани за понатамошна поинтензивна соработка во областа на образованието и запознавање на младите генерации со можностите кои ги нуди НАТО и Воената академија за нив.