Денес на Воената академија се одржа свечена пригода - церемонија по повод полагањето заклетва на 28-ма класа на питомци за потребите на Армијата на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана. На свеченоста присуствуваа претседателката на Република Северна Македонија, Н.Е. проф. д-р Гордана Силјановска Дафкова, министерот за одбрана господин Владо Мисајловски, началникот на генералштабот бригаден генерал Сашко Лафчиски, високи претставници на Министерството за одбрана и на Армијата, претставници на дипломатскиот кор како и роднини и пријатели на питомците и слушателите.
Деканот на Воената академија проф. Митко Богданоски, полковник, откако го прочита текстот за давање на свечена заклетва, во својот говор им посака и многу среќа во оваа клучна фаза од нивниот живот и постигнување на извонредни резултати:
,, Денешниот ден е почеток на едно ново поглавје за вас. Вашата заклетва ја трасира патеката кон еден живот исполнет со предизвици, но и со непроценливи можности. Патот на воената професија не е лесен, но е благороден и величествен. Денес го правите првиот чекор од патот кој треба да го изодите за да станете лидери, не само во Армијата, туку и на поширокото поле на меѓународната соработка, лидери во НАТО алијансата.
Секој од вас, почитувани питомци, сега прифаќа улога која носи огромна одговорност–одговорност не само за сопствениот развој, туку и зачувањето и зајакнувањето на безбедностаи одбраната на нашата татковина. Од денес, вие не сте само поединци, вие сте дел од тим, дел од еден повисок колектив. Вие сте амбасадори на идеалите и вредностите на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски,“ на Армијата и на нашата држава. Оваа улога носи значителна одговорност и ве повикувам гордо да го претставувате мотото на нашата Воена академија каде и да одите: ЗНАЕЊЕ, ЧЕСТ, СЛУЖБА, ТАТКОВИНА!”
Во своето обраќање министерот за одбрана, господин Владо Мисајловски, упати искрени честитки до питомците за храброста и одлучноста што се потребни да се избере патот на воената професија и за запишувањето во оваа престижна институција, Воената академија „Генерал Михаило Апостолски:
,,Во наредниве четири години заеднички и посветено да ги совладувате тајните на воената професија, да се усовршите, затоа што вие ќе специјализирате во област која е специфична и но карактеристична по стандардите, стручноста, дисциплината и најважно соработката. Заедно во следните 4 години ќе учите, ќе се обучувате и ќе придонесувате за развој на нашата соработката. Денес како питомци, а утре како офицери на Армии кои се грижат за безбедноста на своите сограѓани, пример за успех, пример за подготвеност, беспрекорно да ги совладувате предизвиците кои ни претстојат “.
Свое обраќање имаше и претседателката на државата, Гордана Сиљановска – Давкова, со што истакна дека е горда на припадниците на Армијата, нагласувајќи дека државата мора да се грижи за офицерскиот подмладок:
,,Не само врвните воени познавачи, туку и обичните луѓе во секојдневните грозоморни слики препознаваат сериозна опасност од конфликт, од глобални размери со непредвидливи и несогледливи последици по човештвото. Низ геополитички, но и хуманистички агол мора да изразиме огромна загриженост во воениот ек и опкружување. Свесни сме за улогата на безбедносниот чадор, но и за потребата од инвестирање и развивање во сопствената Армија. Убедена сум дека нема конфликт за кој не може да се постигне мирно решение, што поскоро, тоа по добро. Верувам дека ние, поучени од крвавата историја, ја научивме мировната философија и дека нема да дозволиме воени судири на нашето тло. Посакувам припадниците на Армијата, вие, да бидете ангажирани во мировни, а не во воени операции и активности во некое идно време – додаде претседателката.”