Зајакнување на академската соработка и и унапредување на капацитетите во областа на сајбер-безбедноста: посета на делегација на Воената академија на Универзитетот за јавна служба Лудовика

02.10.2024

Од 23-25 ​​септември 2024 година, делегација од Воената академија, предводена од деканот проф. д-р Митко Богданоски, полковник, во придружба на продеканката вон. проф. д-р Невена Серафимова и Еразмус координаторот доц. д-р Љупчо Шошоловски го посети Универзитетот за јавна служба Лудовика во Будимпешта, Унгарија. Оваа посета означи важен чекор на двете институции во унапредувањето на меѓусебната академска соработка, како и соработка во областа на воената обука и сајбер безбедноста.

Делегацијата беше срдечно пречекана од бриг. ген. д-р Петер Липаи, декан на Факултетот за воени науки и обука на офицери, кој активно придонесе во дискусиите за зајакнување на соработката во образованието на воените офицери, обуката за сајбер безбедност и заедничките одбранбени истражувачки иницијативи.

Во рамки на официјалната посета, на Факултетот за воени науки и обука на офицери продеканот за меѓународни прашања, придружуван од Еразмус координаторот, одржаа презентација за Универзитетот Лудовика и во негови рамки, структурата и дејноста на Факултетот за воени науки и обука на офицери, давајќи сеопфатен преглед на академските и воено - образовните програми, фокусирајќи се на мобилноста на студентите и професорите, како и други значајни идни активности на програмата Еразмус. Двете институции дискутираа за можностите за подобрување на соработката преку програми за размена и заеднички проекти, насочени кон проширување на академските и професионалните можности за студентите и професорите.

Дополнително, делегацијата ја обиколи касарната „Зрињи Миклош“ и кампусот на Универзитетот Лудовика, при што имаше и можност да присуствува на изложба на нови технологии во одбранбената индустрија, запознавајќи се со напредокот на Унгарија на ова поле. Овие ангажмани дополнително го истакнаа потенцијалот за соработка во истражувања во областа на одбранбените и технолошките иновации.

Посетата беше финализирана со презентација за образование и обука за сајбер безбедност, предводена од д-р Тамаш Шадецки, професор и раководител на Катедрата за сајбер безбедност на Универзитетот Лудовика. На оваа активност присуствуваше и бриг. ген. д-р Ковач Ласло, проректор за академски прашања, раководител на Докторската школа за воени науки и раководител на Институтот за истражувања во сајбер безбедноста на Факултетот за јавно управување и меѓународни студии. Тој зборуваше за актуелните активности и приоритети и ја истакна важноста од инволвираноста на лидерите на институциите во овие дискусии. Презентацијата поттикна отворен дијалог за предизвиците и идните насоки во образованието во областа на сајбер безбедноста, особено во контекст на новите глобални закани. Размената на искуства и експертиза за време на оваа средба ја нагласи критичната улога на соработката во справувањето со променливата природа на сајбер безбедноста.

Посетата заврши со силна посветеност на двете институции да продолжат да градат партнерства, особено во областите на военото образование, сајбер безбедноста, како и Еразмус програмата за размена на студенти и професори. Двете страни ја изразија својата заедничка посветеност за унапредување на заедничките цели преку одржлива соработка.

Галерија