За време на изминатата недела, двајца питомци од 2-ра година на Воената академија “Генерал Михаило Апостолски” остварија размена поминувајќи го интернационалниот курс за спасување во вода (international lifeguard course) во СР Германија.
Во текот на курсот нашите питомци се истакнаа во спасувачките активности во вода. Имено, тие освоија бронзена значка за спасувачкиот интернационален курс, златна значка од Австриската армија за успешно непрекинато пливање слободен стил со времетраење од 120 минути, златна значка од Шведската армија за успешно изведување скокови од 3 метри висина во униформа, успешно завршување на ноќното пливање и златна значка на спортските игри.
Тие се запознаа со сите стилови на пливање, нуркање во далечина и длабочина, скокови во вода, извлекување на личност од вода, техники за пренесување на загрозениот во вода и давање прва помош на лице место.
Курсот се изведуваше 4 дена во градот Дрезден и завршната обука беше реализирана во градот Рерик на Балтичко море.