Денес во центарот за обука „Пепелиште“ се одржа свеченост по повод отворањето на меѓународниот одбранбено-безбедносен проект „Летен Кампус 2024“ во организација на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ - Скопје.
На свеченото отворање присуствуваше деканот на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје, проф. д-р Митко Богданоски, полковник. Во своето обраќање на отворањето истакна дека овој проект е исклучително значаен за питомците, затоа што во наредните денови тие ќе имаат можност да разменат знаење, искуства, ќе вежбаат заедно и ќе се развијат многу пријателства.
Исто така истакна дека обуката ќе биде спроведена од високо обучени инструктори од разни институции, како и професионални инструктори од македонската армија и од другите земји кои учествуваат на Кампусот.
Овој меѓународен проект „Летен кампус 2024“ има за цел да ја доближи комплексноста на идните предизвици во постконфликтните операции до младите питомци и идни мировници. Се одржува во периодот од 16 јуни до 28 јуни во Центарот за обука „Пепелиште“ и армискиот полигон „Криволак“ и вклучува 122 учесници од 14 држави: Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Германија, Унгарија, Косово, Црна Гора, Полска, Словенија, Романија и Турција.