Свечена пригода - церемонија по повод полагањето заклетва на питомци и слушатели на стручно оспособување и усовршување на офицери за службите во Армијата

06.10.2023

Денес на Воената академија се одржа свечена пригода - церемонија по повод полагањето заклетва на питомци и слушатели на стручно оспособување и усовршување на офицери за службите во Армијата. На свеченоста присуствуваа заменик министерот за одбрана, господин Тирон Јајага, директорот на генералштабот на Армијата, бригаден генерал Симеон Трајковски, високи претставници на Министерството за одбрана и на Армијата, претставници на дипломатскиот кор како и роднини и пријатели на питомците и слушателите.

Во своето обраќање заменик министерот за одбрана, господин Тирон Јајага, упати искрени честитки до питомците и слушателите за храброста и одлучноста што се потребни да се избере патот на воената професија и за запишувањето во оваа престижна институција, Воената академија „Генерал Михаило Апостолски. 

Ви посакувам успех во школувањето, непоколеблива решителност во извршување на задачите и постигнување на извонредност, дисциплина и почит кон вашите професори, претпоставени и колеги, кои целата своја кариера ја посветиле на образовниот процес, чиј дел сте и вие сега.

Деканот на Воената академија проф. Митко Богданоски, полковник, во својот говор им посака и многу среќа во оваа клучна фаза од нивниот живот и постигнување на извонредни резултати. Укажа на можноста за нивно вклучување во меѓународни активност и вклучување во реномираниот Летен кампус, најголемиот годишен настан на  Академијата. 

Имате можност да се школувате во Академија со регионален карактер, во која се едуцираат идни офицери за армиите на Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора. Исто така, ќе имате можност да учествувате во програмата Еразмус+ и други билатерални програми за размена, што ќе ви овозможат да ги тестирате вашите способности и вештини во партнерски институции во странски земји. Ве охрабрувам да ги прифатите овие предизвици и да ги искористите можностите што ги нудат вашите студии на академијата. Секогаш запомнете дека вие не сте само студенти и слушатели; вие сте претставници на Воената академија, Армијата и нашето Министерство - уникатен вид на амбасадори за нашата нација. Оваа улога носи значителна одговорност и ве повикувам гордо да го претставувате мотото на нашата Воена академија каде и да одите: ЗНАЕЊЕ, ЧЕСТ, СЛУЖБА, ТАТКОВИНА.

Воената академија не залудно го носи името на генералот Михаило Апостолски. Тоа е завет и аманет. Бидете достојни на неговата борба и неговиот сон, секогаш будни на браникот на татковината и идеалите на асномците и илинденците. Секогаш кога влегувате во оваа институција сетете се дека Михаило Апостолски не бил само врвен генерал, туку и поранешен претседател на Македонската академија на науките и уметностите. Тој бил човек со исклучителен карактер кој меѓу првите се спротиставил на фашистичката окупација. Неговата животна приказна е доказ дека военото лидерство остава трага во историјата само ако е засновано на знаење, посветеност, доблест, вредности и храброст.