СВЕЧЕНОСТ ПО ПОВОД ПРОМОЦИЈА НА 27 НОВИ ПОТПОРУЧНИЦИ ОД 23-ТА КЛАСА ПИТОМЦИ ВО ВОЕНАТА АКАДЕМИЈА

31.07.2023

На воена свеченост во Касарната „Гоце Делчев“ во Скопје, денес 31.06.2023 година се промовираа 27 офицери на Армијата од 23-та класа, во чин потпоручник.

На свеченоста присуствуваа министерката Славјанка Петровска, заменик министерот за одбрана Г-дин Тирон Јајага, началник на Генералштабот, Генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, како и  високи гости од Министерството за одбрана и Армијата, претставници од министерствата за одбрана на Босна и Херцеговина, Црна Гора и други гости.

Во своето обраќање Министерката Славјанка Петровска истакна:

Поминавте долг и предизвикувачки процес на едукација кој успешно го завршивте. Благодарение на современите студиски програми во согласност со принципите за воено образование на НАТО, можност за размена на професорски кадар и питомци преку програмата „Еразмус плус“, како и преку одбранбената билатерална соработка со нашите сојузници, имавте можност за стекнување знаење и вештини, вредни за еден вистински офицер на НАТО. Денес стоите овде пред нас токму благодарение на вашата одлучност, подготвени да продолжите и да постигнете повисоки цели. Вие сте вистинските патриоти, вие кои сте решиле својата работна кариера да ја посветите на заштитата на своите граѓани и многу повеќе од тоа, активно да се вклучите во системот на колективна одбрана и безбедност на НАТО, како офицери на земји членки и партнерски земји на Алијансата. Успех е што меѓу вас веќе години наназад во Воената академија се образуваат и офицери од земјите од регионот. Денес покрај 27 нови потпоручници од македонската армија, имаме и петмина од Црна Гора и Босна и Херцеговина. Но, за време на вашето образование, двајца од вас имаа можност по еден семестар да се школуваат во Кралството Норвешка, а исто така на нашата Академија, еден семестар се образуваа и питомци од Кралството Норвешка и од Република Бугарија.

Студирањето на Воената академија е одлична можност за развој на вашите замисли како идни офицери на македонската армија и сакам да додадам, дека покрај континуираното заедничко залагање за унапредување на образовниот процес во оваа институција, како Министерство веќе донесовме од овој месец вашите примања да ги зголемиме за 100 проценти, и ве уверувам дека секогаш сме тука да излеземе во пресрет на вашите предлози, како во поглед на подобрување на образовниот процес, така и за условите престојот и за сѐ она што вам како питомци ви е потребно за да постигнете врвни резултати.

Деканот на Воената академија, полковникот проф. д-р Митко Богдановски во својот говор на ново промовираните потпоручници, им го порача следново:

Исправени сте пред огромен предизвик, но и пред можност сето она што овие четири години теоретски и практично го учевте да го примените во нашата Армија, која својата професионалност и способност ја вложува и докажува во најголемиот и најмоќен воен и политички сојуз – НАТО.

Дојде времето кога сите напори, сиот труд, цело ваше знаење и искуство стекнато во текот на студиите ќе го употребите и реализирате во пракса.   Уверен сум дека успеавме заеднички во мисијата од вас да создадеме мотивирани, одлучни и прогресивни лидери!

По успешното крунисување на ова важно поглавје во вашиот живот со првиот офицерски чин, сега ќе зачекорите во еден нов свет наоружани со знаења, искуства и примери. Ќе зачекорите во нов свет кадешто сите ние ќе ги видиме плодовите од инвестицијата во вашето образование, инвестицијата во иднината на нашата Армија, на државата.

Во кариерата, несомнено ќе се соочите со моменти на неизвесност и тешкотии. Но запомнете, токму во овие моменти се појавуваат вистински лидери. Прифатете го секој предизвик како можност да растете, учите; да напредувате.

Воената академија се гордее со своето наследство и идните лидери кои ги создава. Верувам  во секој од вас, верувам дека ќе ги поддржите вредностите и визијата на оваа институција, вашите професори и вашите претпоставени и дека ќе направите позитивни промени. Верувам дека ќе покажете зрелост и изграденост. Верувам дека ќе ја негувате љубовта кон науката и нема да дозволите љубопитноста за нови сознанија, стремежот за усовршување и развој никогаш да згаснат.  Бидете вистински пример за тоа што значи да се биде офицер во македонската армија и  овозможете ни да се гордееме со вашите успеси - претставете нè достојно и чесно!

Во рамки на свеченоста министерката министерката Славјанка Петровска, началник на Генералштабот, Генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и и Аѓутантот на Претседателот Стево Пендаровски, Полковник Билјана Блажеска  на тројцата прворангирани питомци, Никола Антески, Јована Софрониоска и Наум Спироски им врачија пригодни подароци за постигнатиот успех.

Прворангираниот потпоручник Антески во својот говор истакна:

Нашето патување започна со основна воена обука, ригорозен процес кој ја тестираше нашата физичка и ментална издржливост. Бевме турнати надвор од нашите граници, соочени со препреки кои изгледаа непремостливи. Но, ние стоевме обединети, учејќи го вистинското значење на заедништвото и силата што доаѓа од заедничката работа како тим. Токму во овие моменти ги откривме нашите внатрешни резервоари на сила и издржливост. Конекцијата која што ја поставивме уште првите денови станаа основа на доживотни пријателства. Самите ние бевме најголема меѓусебна поддршка во моменти на тага и среќа. Имавме можност да живееме и работиме изминатите четири години и со питомци кои не го носат истото знаме со нас на ракавот, но во нив добивме искрени пријатели во Босна и Херцеговина и Црна Гора. Заедно поминавме успони и падови и станавме побогати за спомени кои ќе останат за секогаш во нашите сеќавања.

Како што поминувавме низ академскиот процес, ја прифативме моќта на знаењето и интелектуалниот раст. Студиите на оваа академија ни го изострија умот и ги проширија нашите хоризонти, опремувајќи нè со алатки за справување со сложениот и динамичен свет со кој ќе се соочиме. Запомнете дека учењето никогаш не треба да престане, тоа мора да биде доживотна потрага што не држи чекор понапред од предизвиците што претстојат.