16.06.2023
Воената академија, препознаена по својата експертиза во областа на сајбер безбедноста, организираше дводневна вежба за сајбер безбедност (TTX) на 12 и 13 мај 2023 година во Кишинев, Р. Молдавија. Настанот, спонзориран од американскиот Стејт департмент и во соработка со CRDF GLOBAL и Иницијатива за сајбер безбедност, корпоративна безбедност и управување со кризи - C3I Скопје, имаше за цел да ги подобри практиките за сајбер безбедност на повеќе од 30 сајбер професионалци од CERT/CSIRT и клучните јавни и приватни сектори, вклучително и провајдери поврзани со критична инфраструктура од Р. Молдавија.
Деканот на Воената академија, проф. д-р Митко Богданоски, настанот го започна со потенцирање на значењето на соработката меѓу експертите за сајбер безбедност од различни институции, потребата од ажурирање на нивните знаења и вештини и воспоставување робусна рамка за справување со предизвиците во оваа област. Во текот на воведната сесија свое обраќање имаше и директорот Службата за ИТ и сајбер безбедност г-дин Александру Коретчи, кој ја истакна важноста на овој настан за институциите и за државата, посебно во период кога сајбер просторот се повеќе се злоупотребува за постигнување стратешки цели.
TTX започна со предавање на проф. д-р Митко Богданоски на тема „Соочување со современите предизвици за сајбер безбедноста“. м-р Марјан Стоилковски потоа одржа предавање на тема „Вектори на сајбер напади и истражување на компјутерски криминал“ поврзано со TTX сценариото. Првата сесија на информативни предавања заврши со излагање на проф. д-р Методи Хаџи Јанев на тема „Стратешките и правните аспекти на управување со одговорите на сајбер заканите“.
Вториот ден, учесниците имаа можност да работат на практична вежба заснована на сценарио кое ја одразува динамиката на сајбер безбедноста на Р. Молдавија. Работејќи во тимови, тие ги анализираа стратешките и правните аспекти поврзани со предизвиците на сајбер безбедноста со кои се соочуваат институциите и истражуваа оперативни и технички методи за нивно надминување.