Во организација на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје, Агенцијата за комуникации и информации на НАТО (НЦИА) и Националниот институт за истражување од Полска (НАСК) реализираше Меѓународната конференција за воени комуникации и информациски системи (ICMCIS).
Конференцијата се реализираше во Скопје, во период од 16 до 17 мај 2023 година, и истата е дел од НАТО Information Systems Technology (IST) панелот, кој е еден од седумте панели на НАТО Организацијата за наука и технологија (NATO STO).
Деканот на Воената академија, проф. д-р Митко Богданоски ја отвори конференцијата и меѓу останатото во својот говор го потенцираше следното:
„Оваа конференција е одлична можност за да се согледаат етичките, правните, социјалните аспекти на технолошкиот дизајн, како и поврзувањето на луѓето со машините. Како што ги прифаќаме технолошките напредоци, императив е истото да се направи одговорно, осигурувајќи ги сопствените дејства во согласност со нашите заеднички вредности и почитување на човечкото достоинство.“
„Ве охрабрувам сите активно да се вклучите за време на сесиите бидејќи конференцијата нуди голема можност за соработка, истражување и публикување на трудови на наставниот кадар од Воената академија, другите универзитети во државата, експерти од НАТО Центри, но и други меѓународни истражувачи и експерти.“
Првиот ден пленарни предавања одржаа Г-дин Џон-Микал Стордал, раководителот на канцеларијата за соработка на НАТО Организацијата за наука и технологија (NATO STO) и проф. д-р Петар Поповски од Аалбор универзитетот од Данска, чие пленарно предавање се фокусираше на 6G технологијата, со посебен осврт на сателитските комуникации.
Во текот на вториот ден пленарно предавање одржа проф. д-р Крис Рид, од Данди Универзитетот од Шкотска, Обединето Кралство, чие пленарно предавање се фокусирање на Примена на augmented reality во процесот на анализа и донесување на одлуки.
Инаку, согласно повикот дел од темите кои беа опфатени на конференцијата се:
- Вештачка интелегенција во поддршка на воените одлуки и автономни системи,
- Анализа на big data и визуелизација,
- Квантно сметање и алгоритми,
- VR/AR/XR
- Дата-центрична архитектура/безбедност,
- Дистрибуирана отпорна инфраструктура (тактички облак; edge computing, хетерогена MANET; Софтверски дефинирани мрежи за тактички мрежи, когнитивни радио, когнитивни и мрежи од следната генерација),
- Интернет на воени работи,
- Хомоморфно шифрирање,
- Квантно-безбедна криптографија,
- Безбедност на синџирот на ИКТ снабдување (уреди и материјали),
- ЕМ Спектар менаџмент и споделување,
- C4I, моделирање и симулација на информациски инфраструктури,
- Етички, правни, општествени и еколошки аспекти на технолошкиот дизајн
За време на конференцијата ќе беа презентирани 40 трудови кои го поминаа процесот на рецензија, и истите ќе бидат публикувани во IEEE Xplore и NATO STO публикација.
Дополнително на една од сесиите домашни компании кои работат во доменот на одбраната и технологијата, презентираа истражувањата кои ги работат и продуктите кои ги развиваат.