Конкурс ЗА ЗАПИШУВАЊЕ СТУДЕНТИ НА ВТОР ЦИКЛУС НА СТУДИИ НА ВОЕНАТА АКАДЕМИЈА „ГЕНЕРАЛ МИХАИЛО АПОСТОЛСКИ“ - СКОПЈЕ ВО СТУДИСКАТА 2015/2016 ГОДИНА

23.12.2015

Врз основа на член 21 од Законот на Воената академија („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2009), член 88 став 1 од Статутот на Воената академија бр.07-876/1 од 17.10.2011 година и Правилникот за начинот и постапката за спроведување на конкурс за запишување и избор на кандидати за втор циклус на студии на Воената академија бр.01-628/1 од 26.01.2010 година, Воената академија распишува

К О Н К У Р С
за запишување студенти на втор циклус на студии на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје во студиската 2015/2016 година

Воената академија ,,Генерал Михаило Апостолски” – Скопје (во понатамошниот текст: Академија), распишува конкурс за студенти на втор циклус на студии за студиската 2015/2016 година, на следните студиски програми:

 а) Научни студии (магистратура) од областа на:

- Безбедност и одбрана (30 кандидати) и

- Управување со кризи и заштита и спасување (15 кандидати)

 б) Стручни студии (специјализација):

-Специјализација за командни и штабни должности (20 кандидати)

1) Студиите на втор циклус на студии – магистратура се организираат во Академијата според академиски студиски програми акредитирани со закон, нормативите, стандардите и методологијата прифатени од единствениот Европски простор за високо образование, вреднувани со кредити по ЕКТС. Студиските програми на втор циклус на студии на Академијата траат до една година и со нивното завршување се стекнуваат 60 кредити.

2) Стручните студии на втор циклус на студии – специјализација се организираат за оспособување на кандидатите за извршување на командни и штабни должности во Армијaта. Стручните студии траат до една година и со нивното завршување се стекнуваат 40 кредити.

 ПРАВО НА УЧЕСТВО НА КОНКУРС

Право на учество на Конкурсот имаат кандидатите кои ги исполнуваат следните услови:
а) за магистерски студии:

- лица кои имаат завршено високо образование;

- да завршиле прв циклус на студии во времетраење од 4 (четири) години (8 семестри), или со стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС и

- да завршиле соодветни студиски програми од прв циклус, утврдени од Академијата како студии соодветни за запишување на одделни студиски програми од втор циклус.
б) за стручни студии – специјализација:

- да се воени старешини-офицери во чин капетан, мајор и потполковник од родовите и службите во постојаниот состав на Армијата на Република Македонија или Министерството за одбрана;

- да завршиле додипломски студии (Воена академија или високо образование со завршено стручно оспособување и усовршување на офицери на Академијата);

- да не се постари од 45 години;

- да се поставени на должност командир на чета или еквивалентна должност и истата да ја извршувале најмалку 2 години;

- да дипломирале со просечен успех од најмалку 7,00;

- да имаат службена оценка најмалку „се истакнува“ на последните две оценувања;
- да имаат познавање на странски јазик на ниво СТАНАГ 2.2.2.2. (првенствено англиски или француски);

- да имаат посебна физичка и здравствена способност, што го утврдува надлежна Воено-лекарска комисија;

- да ги имаат поминато физичките проверки во Армијата и

- да добиле согласност за специјализација на Воената академија од Началникот на Генералштабот на АРМ (согласноста ја обезбедува кандидатот преку препоставената команда).     Кандидатите за втор циклус на студии на Академијата за специјализација за командни и штабни должности полагаат приемен испит.

ТРОШОЦИ ЗА СТУДИИТЕ

а.     Студентите на втор циклус на студии – магистратура се запишуваат со кофинансирање на студиите. Износот на кофинансирањето по семестар изнесува 400 ЕУР и за одбрана на магистерскиот труд 300 ЕУР во денарска против вредност по среден курс на Народна банка на Република Македонија на денот на уплатата.

Странските државјани кои се запишуваат на втор циклус на студии – магистратура плаќаат 100% поголема партиципацијата од партиципацијата што ја плаќаат студентите кои се државјани на Република Македонија.

б.    Финансирањето на кандидатите за втор циклус на студии на Академијата за специјализација за командни и штабни должности се финансира од Буџетот на Република Македонија.

ПОСТАПКА ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА КОНКУРСОТ

Конкурсот за запишување на втор циклус на студии и на специјалистички стручни студии во Академијата го спроведува Конкурсна комисија што ја формира министерот за одбрана.       Конкурсната комисија изготвува ранг-листа на примените кандидати која се објавува на огласната табла на Академијата, како и на веб-страниците на Министерството за одбрана и Академијата.

Предност при рангирањето ќе имаат кандидатите кои имаат работно искуство од областа на програмите за кои се врши уписот.

Против ранг-листа кандидатот има право на приговор до Деканатската управа на Академијата, преку конкурсната комисија, во рок од 24 часа од денот на објавувањето на резултатите на огласната табла на Академијата.

Одлуката по приговорот се донесува во рок од 24 часа од поднесувањето на приговорот. Одлуката му се соопштува на подносителот на приговорот со истакнување на огласната табла, а воедно се објавува на веб-страницата на Министерството за одбрана и Академијата, освен за специјализација за командни и штабни должности.

Ранг-листата станува конечна по истекот на рокот за поднесување на приговор. Посебните права и обврски на кандидатите примени за студенти на втор циклус на студии на Академијата се уредуваат со договор во согласност со Статутот на Академијата.

Кандидатот го остварил правото на запишување доколку се наоѓаат на ранг-листата до бројот што е предвиден со конкурсот за запишување.

Кандидатот којшто го остварил правото на запишување, а во предвидениот рок нема да го изврши запишувањето го губи правото и наместо него правото на запишување го стекнува наредниот кандидат од ранг-листата.

При изборот на кандидатите за школување на Воената академија ќе се води сметка да бидат соодветно и правично застапени лица кои припаѓаат на сите зедници во Република Македонија, полова еднаквост, како и да се почитува принципот на стручност и компетентност.

 ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ НА II ЦИКЛУС НА СТУДИИ 

За пријавување на втор циклус на студии и специјалистичко стручни студии, кандидатите ги доставуваат следните документи:

- пријава за запишување која се добива во Воената академија – Скопје;

- доказ за завршени прв циклус на студии (диплома оригинал или фотокопија заверена кај нотар), кандидатите кои завршиле во странство и кандидатите странски државјани да достават решение за еквиваленција и признавање на високобразовната квалификација стекната во странство за завршен прв циклус на студии);

- уверение за положени испити со оценки и кредити (оригинал или фотокопија заверена кај нотар), кандидатите кои завршиле во странство и странските државјани доставуваат решение за еквиваленција на оценките;

- кратка биографија (CV);

- извод од матична книга на родени;

- уверение за државјанство;

- потврда за познавање на странски јазик;

- препораки од наставни или научни работници (доколку има такви)

- список на стручни или научни трудови и примерок од нив (доколку има);

- награди, признанија и други документи.

Документите за пријавување на втор циклус на студии се доставуваат лично во деловодството на Воената академија ,,Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје на адреса: ул. ,,Васко Карангелески“ бб.

 ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ЗАПИШУВАЊЕ 

За запишување на втор циклус на студии (магистерски) циклус на студии, кандидатите ги доставуваат следните документи:

  1. индекс;
  2. три фотографии (2 од 6 х 9; 1 од 4 х 5);
  3. странските студенти доставуваат и потврда за завршена настава по македонски јазик;
  4. оригинал уплатници како доказ за уплатени средства за студирање на втор циклус на студии – магистратура, надоместоци за образование и административни трошоци.

            РОК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ

Заинтересираните кандидати за школување на втор циклус на студии во студиската 2015/2016 година можат да се пријавуваат до 15 јануари од денот на објавувањето на конкурсот.

Ако во првиот пријавен рок не се пријават и не бидат примени кандидати во планираниот број, Академијата ќе организира втор пријавен рок 3 (три) дена по објавувањето на конечната ранг листа.