К О Н К У Р С ЗА ЗАПИШУВАЊЕ СТУДЕНТИ НА ВТОР ЦИКЛУС НА СТУДИИ НА ВОЕНАТА АКАДЕМИЈА „ГЕНЕРАЛ МИХАИЛО АПОСТОЛСКИ“ – СКОПЈЕ ВО СТУДИСКАТА 2014/2015 ГОДИНА
Врз основа на член 21 од Законот на Воената академија („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2009), член 88 став 1 од Статутот на Воената академија и Правилникот за начинот и постапката за спроведување конкурс за запишување и избор на кандидати за втор циклус на студии, Воената академија распишува
К О Н К У Р С
за запишување студенти на втор циклус на студии на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје во студиската 2014/2015 година
Воената академија ,,Генерал Михаило Апостолски” – Скопје (во понатамошниот текст: Академијата), распишува конкурс за студенти на втор циклус на студии за студиската 2014/2015 година, на следните студиски програми:
Научни студии (магистратура) од областа на:
- Безбедност и одбрана (30 кандидати) и
- Управување со кризи и заштита и спасување (10 кандидати)
Студиите на втор циклус на студии – магистратура се организираат во Академијата според академиски студиски програми акредитирани со закон, нормативите, стандардите и методологијата прифатени од единствениот Европски простор за високо образование, вреднувани со кредити по ЕКТС. Студиските програми на втор циклус на студии на Академијата траат до една година (два семестра) и со нивното завршување се стекнуваат 60 кредити.
ПРАВО НА УЧЕСТВО НА КОНКУРСОТ
Право на учество на Конкурсот имаат кандидатите кои ги исполнуваат следните услови:
- лица кои имаат завршено високо образование;
- да завршиле прв циклус на студии во времетраење од 4 (четири) години (8 семестри), или со стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС и
- да завршиле соодветни студиски програми од прв циклус, утврдени од Академијата како студии соодветни за запишување одделни студиски програми од втор циклус.
ТРОШОЦИ ЗА СТУДИИТЕ
Студентите на втор циклус на студии – магистратура се запишуваат со кофинансирање на студиите. Износот на кофинансирањето по семестар изнесува 400 ЕУР и за одбрана на магистерскиот труд 300 ЕУР во денарска против вредност по среден курс на Народна банка на Република Македонија на денот на уплатата.
Странските државјани имаат право на запишување во втор циклус на студии под еднакви услови како и државјаните на Република Македонија, со плаќање на полна цена на студии, освен ако тоа не е поинаку регулирано со меѓудржавен договор.
ПОСТАПКА ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА КОНКУРСОТ
Конкурсот за запишување на втор циклус на студии во Академијата го спроведува Комисија формирана од министерот за одбрана.
Конкурсната комисија изготвува ранг-листа на примените кандидати што се објавува на огласната табла на Академијата, како и на веб-страницaта на Академијата (http://www.ma.edu.mk).
При изготвување на ранг листата треба да се води сметка за соодветна и правична застапеност на кандидатите кои припаѓаат на сите заедници со почитување на критериумот за стручност и компетентност како и почитување на принципот на еднаквост на половите. Кандидатот кој смета дека постапката не е правилно спроведена, има право на приговор во рок од 24 часа од денот на објавување на резултатите на огласната табла и веб-страницaта на Академијата што го доставува до Деканатската управа на Академијата.
Одлуката по приговорот се донесува во рок од 24 часа од поднесувањето на приговорот. Одлуката му се соопштува на подносителот на приговорот со истакнување на огласната табла и објавување на веб-страницата на Академијата.
Ранг-листата станува конечна по истекот на рокот за поднесување приговор. Посебните права и обврски на кандидатите примени за студенти на втор циклус на студии на Академијата се уредуваат со договор во согласност со Статутот на Академијата.
Кандидатот го остварил правото на запишување доколку се наоѓа на ранг-листата до бројот што е предвиден со Конкурсот за запишување.
Кандидатот којшто го остварил правото на запишување, а во предвидениот рок нема да го изврши запишувањето го губи правото и наместо него правото на запишување го стекнува наредниот кандидат од ранг-листата.
ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ НА ВТОР ЦИКЛУС НА СТУДИИ
За запишување на втор циклус на студии (магистратура), кандидатите ги доставуваат следните документи:
- пријава за запишување што се добива во Академијата;
- доказ за завршен прв циклус на студии (диплома оригинал или фотокопија заверена кај нотар), кандидатите кои завршиле во странство и кандидатите странски државјани да достават решение за еквиваленција и признавање на високобразовната квалификација стекната во странство за завршен прв циклус на студии);
- уверение за положени испити со оценки и кредити (оригинал или фотокопија заверена кај нотар); кандидатите кои завршиле во странство и странските државјани доставуваат решение за еквиваленција на оценките;
- куса биографија (CV);
- извод од матична книга на родени;
- уверение за државјанство;
- потврда за познавање странски јазик;
- препораки од наставни или научни работници (доколку има такви)
- список на стручни или научни трудови и примерок од нив (доколку има);
- награди, признанија и други документи.
Документите за пријавување на втор циклус на студии се доставуваат лично во деловотство на Академијата, на адреса: ул. ,,Васко Карангелески“ бб.
РОК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ
Заинтересираните кандидати за школување на втор циклус на студии во студиската 2014/2015 година може да се пријавуваат во рок од 30 (триесет) дена од денот на објавувањето на конкурсот.
Ако во првиот пријавен рок не се пријават и не бидат примени кандидати во планираниот број, Академијата ќе организира втор пријавен рок 3 (три) дена по објавувањето на конечната ранг-листа.