КОНКУРС ЗА ЗАПИШУВАЊЕ СТУДЕНТИ НА ВТОР ЦИКЛУС НА СТУДИИ НА ВОЕНАТА АКАДЕМИЈА „ГЕНЕРАЛ МИХАИЛО АПОСТОЛСКИ“ - СКОПЈЕ ВО СТУДИСКАТА 2024/2025 ГОДИНА
Врз основа на член 21 од Законот на Воената академија („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2009), член 91 став 1 од Статутот на Воената академија бр. 07-119/2 од 29.11.2023 година, Правилникот за начинот и постапката за спроведување на конкурс за запишување и избор на кандидати за втор циклус на студии на Воената академија бр. 01-628/1 од 26.01.2010 година, Правилникот за изменување на Правилникот за начинот и постапката за спроведување на конкурс за запишување и избор на кандидати за втор циклус на студии на Воената академија бр. 01-849/1 од 01.02.2011 година и Правилникот за изменување на Правилникот за начинот и постапката за спроведување на конкурс за запишување и избор на кандидати за втор циклус на студии на Воената академија бр. 02-3454/1 од 29.09.2023 година, Воената академија распишува
К О Н К У Р С
за запишување студенти на втор циклус на студии на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ –Скопје во студиската 2024/2025 година
Воената академија ,,Генерал Михаило Апостолски” – Скопје (во понатамошниот текст: Академијата), распишува конкурс за студенти на втор циклус на студии за студиската 2024/2025 година, на следните студиски програми:
Магистерски студиски програми:
- Безбедност и одбрана (30 кандидати)
- Управување со кризи и заштита и спасување (30 кандидати) и
- Сајбер безбедност и дигитална форензика (50 кандидати)
Стручна студиска програма:
- Специјализација за Командни и штабни должности (30 кандидати).
Студиите на втор циклус на студии се организираат во Академијата според академиски студиски програми акредитирани со закон, нормативите, стандардите и методологијата прифатени од единствениот Европски простор за високо образование, вреднувани со кредити по ЕКТС.
Студиските програми на втор циклус на студии на Академијата траат една година (два семестра) и со нивното завршување се стекнуваат 60 ЕКТС кредити.
ПРАВО НА УЧЕСТВО НА КОНКУРСОТ
1) Магистерски студиски програми
Право на учество на Конкурсот имаат кандидатите кои ги исполнуваат следните услови:
- да завршиле прв циклус на соодветни или сродни студии во време траење од 4 (четири) години (8 семестри), и се стекнале со најмалку 240 кредити според ЕКТС;
- право да се запишат на втор циклус на академски универзитетски студии имаат и странски државјани, според условите утврдени со закон и
- да исполнуваат други услови предвидени со студиските програми за втор циклус студии на соодветната единица на Универзитетот.
2) Стручна студиска програма - Специјализација за Командни и штабни должности
Право на учество на Конкурсот имаат кандидатите кои ги исполнуваат следните услови:
- да се државјани на Република Северна Македонија;
- да се воени старешини – офицери со чин, капетан, мајор и потполковник на служба во Армијата;
- да се поставени на должност командир на чета или еквивалентна и истата да ја извршувале најмалку две години;
- да завршиле воена академија или високо образование со завршено стручно оспособување и усовршување за офицери на Академијата;
- да дипломирале со просечен успех од најмалку 7,00;
- да не се постари од 49 години;
- да познаваат странски јазик на ниво СТАНАГ 2.2.2.2 (првенствено англиски или француски);
- да имаат посебна физичка и здравствена способност, што го утврдува надлежна Воено-лекараска комисија;
- да имаат поминато физички проверки во Армијата;
- да имаат службена оценка најмалку „се истакнува“ на последните две оценувања;
- да добиле согласност за специјализација на Академијата од началникот на Генералштабот (согласноста ја обезбедува кандидатот преку претпоставената команда);
- да исполнуваат други услови предвидени со студиските програми за втор циклус студии на соодветната единица на Универзитетот.
Кандидатите за втор циклус на студии на Академијата за Специјализација за командни и штабни должности полагаат приемен испит.
ТРОШОЦИ ЗА СТУДИИТЕ ЗА МАГИСТЕРСКИ СТУДИСКИ ПРОГРАМИ
а) Студентите на втор циклус на студии – магистратура се запишуваат со кофинансирање на студиите. Износот на кофинансирањето по семестар изнесува 400 ЕУР и за одбрана на магистерскиот труд 300 ЕУР во денарска противвредност по среден курс на Народна банка на Република Северна Македонија на денот на уплатата.
б) Странските државјани кои се запишуваат на втор циклус на студии – магистратура плаќаат 100% поголема партиципација од партиципацијата што ја плаќаат студентите кои се државјани на Република Северна Македонија.
в) Странските државјани кои завршиле прв циклус на студии на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ –Скопје се запишуваат на втор циклус на студии под исти услови како студентите државјани на Република Северна Македонија.
ПОСТАПКА ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА КОНКУРСОТ
Конкурсот за запишување на втор циклус на студии во Академијата го спроведува Конкурсна комисија.
1) Постапка за спроведување на конкурс за запишување на магистерски студиски програми:
Конкурсната комисија изготвува ранг-листа на примените кандидати што се објавува на огласната табла на Академијата, како и на веб-страницaта на Академијата (http://www.ma.edu.mk).
При изготвување на ранг-листата треба да се води сметка за соодветна и правична застапеност на кандидатите кои припаѓаат на сите заедници со почитување на критериумите за стручност и компетентност како и почитување на принципот на еднаквост на половите.
Против ранг-листата кандидатот има право на приговор до Деканатската управа на Академијата, преку конкурсната комисија, во рок од 24 часа од денот на објавување на резултатите на огласната табла на Академијата и веб-страницата.
Одлуката по приговорот се донесува во рок од 24 часа од поднесувањето на приговорот. Одлуката му се соопштува на подносителот на приговорот со истакнување на огласната табла и објавување на веб-страницата на Министерство за одбрана и Академијата.
Ранг-листата станува конечна по истекот на рокот за поднесување приговор.
Наставно-научниот совет на Академијата дава мислење за конечната ранг-листа и ја доставува до министерот за одбрана, кој го врши изборот на кандидатите
Кандидатот го остварил правото на запишување доколку се наоѓа на ранг-листата до бројот што е предвиден со Конкурсот за запишување.
Кандидатот којшто го остварил правото на запишување, а во предвидениот рок нема да го изврши запишувањето го губи правото и на место него правото на запишување го стекнува наредниот кандидат од ранг-листата.
Посебните права и обврски на кандидатите примени за студенти на втор циклус на студии на Академијата се уредуваат со договор во согласност со Статутот на Академијата.
2) Постапка за спроведување на конкурс за запишување на стручна студиска програма - Специјализација за командни и штабни должности:
Приемниот испит за кандидати за Специјализација за командни и штабни должности го спроведува Комисија формирана од деканот на Воената академија, врз основа на одлука на Наставно-научниот совет и е составена од три члена експерти од областите за кои се врши полагање на приемниот испит.
Конкурсната комисија изготвува ранг-листа на примените кандидати.
При изготвување на ранг-листата треба да се води сметка за соодветна и правична застапеност на кандидатите кои припаѓаат на сите заедници со почитување на критериумите за стручност и компетентност како и почитување на принципот на еднаквост на половите.
Одлуката по приговорот се донесува во рок од 24 часа од поднесувањето на приговорот. Ранг-листата станува конечна по истекот на рокот за поднесување приговор.
Наставно-научниот совет на Академијата дава мислење за конечната ранг-листа и ја доставува до министерот за одбрана, кој го врши изборот на кандидатите.
Посебните права и обврски на кандидатите примени за студенти на втор циклус на студии на Академијата се уредуваат со договор во согласност со Статутот на Академијата.
ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ НА ВТОР ЦИКЛУС НА СТУДИИ
1. пријава за запишување што се добива во Академијата;
2. доказ за завршен прв циклус на студии (диплома оригинал или фотокопија заверена кај нотар), кандидатите кои завршиле во странство и кандидатите странски државјани да достават решение за еквиваленција и признавање на високобразовната квалификација стекната во странство за завршен прв циклус на студии);
3. уверение за положени испити со оценки и кредити (оригинал или фотокопија заверена кај нотар); кандидатите кои завршиле во странство и странските државјани доставуваат решение за еквиваленција на оценките;
4. кратка биографија (CV);
5. извод од матична книга на родени (оригинал или копија заведена на нотар);
6. уверение за државјанство (оригинал или копија заведена на нотар);
За магистерски студиски програми:
Заинтересираните кандидати покрај наведените потребни документи од реден број 1 до реден број 6 треба да достават и:
- потврда за познавање странски јазик;
- препораки од наставни или научни работници (доколку има такви);
- список на стручни или научни трудови и примерок од нив (доколку има) и
- награди, признанија и други документи.
За стручна студиска програма – Специјализација за командни и штабни должности:
Заинтересираните кандидати покрај наведените потребни документи од реден број 1 до реден број 6 треба да достават и:
-потврда за познавање странски јазик на ниво СТАНАГ 2.2.2.2 (првенствено англиски или француски јазик);
- Наод оцена и мислење за посебна здравствена способност на воениот персонал за вршење на служба во Армијата на Република Северна Македонија;
- доказ за поминати физички проверки во Армијата;
- службена оценка најмалку „се истакнува“ на последните две оценувања;
- согласност за специјализација на Академијата од началникот на Генералштабот (согласноста ја обезбедува кандидатот преку претпоставената команда)
Заинтересираните кандидати за упис на втор циклус на студии на Воената академија за учебната 2024/2025 година може да се пријават во деловодството на Воената академија во Скопје на ул. „Васко Карангелески“ бб..
РОК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ
Заинтересираните кандидати за школување на втор циклус на студии во студиската 2024/2025 година може да се пријавуваат од денот на објавувањето на конкурсот до 13.09.2024 година.
Ако во првиот пријавен рок не се пријават и не бидат примени кандидати во планираниот број, Академијата ќе организира втор пријавен рок 3 (три) дена по објавувањето на конечната ранг-листа.
ВОЕНА АКАДЕМИЈА