КОНКУРС ЗА ЗАПИШУВАЊЕ СТУДЕНТИ НА ТРЕТ ЦИКЛУС – ДОКТОРСКИ СТУДИИ НА ВОЕНАТА АКАДЕМИЈА „ГЕНЕРАЛ МИХАИЛО АПОСТОЛСКИ“ - СКОПЈЕ ВО СТУДИСКАТА 2014/2015 ГОДИНА

12/31/2014 - 09:03

 

КОНКУРС ЗА ЗАПИШУВАЊЕ СТУДЕНТИ НА ТРЕТ ЦИКЛУС ДОКТОРСКИ СТУДИИ НА ВОЕНАТА АКАДЕМИЈА „ГЕНЕРАЛ МИХАИЛО АПОСТОЛСКИ“ - СКОПЈЕ ВО СТУДИСКАТА 2014/2015 ГОДИНА


Врз основа на член 21 од Законот на Воената академија („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2009), член 103 од Статутот на Воената академија бр.07–876/1 од 17.10.2011 година и Правилникот за условите, за критериумите и за правилата за запишување и студирање трет циклус – докторски студии на Воена академијата „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје, Воената академија распишува

КОНКУРС
за запишување студенти на трет циклус – докторски студии на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје во студиската 2014/2015 година

Воената академија ,,Генерал Михаило Апостолски” – Скопје (во понатамошниот текст: Академијата), распишува конкурс за студенти на трет циклус – докторски студии за студиската 2014/2015 година, од областа на:

- Национална и меѓународна безбедност и меѓународни односи (8 кандидати)


Студиите на трет циклус – докторски студии се организираат во Академијата според академски студиски програми акредитирани со закон, нормативите, стандардите и методологијата прифатени од единствениот Европски простор за високо образование, вреднувани со кредити по ЕКТС. Студиската програма на трет циклус – докторски студии на Академијата трае најмалку 3 (три) години и со нејзиното завршување се стекнуваат 180 кредити.
ПРАВО НА УЧЕСТВО НА КОНКУРС
Право на учество на Конкурсот имаат кандидатите кои ги исполнуваат следните услови:
- завршени соодветни универзитетски студии од втор циклус;
- кандидатите за запишување мора да имаат активно знаење на еден од светските јазици.
Со одлука на наставнонаучниот совет на Академијата се утврдува соодветноста на вториот циклус за запишување на трет циклус – докторски студии.
За лицето кое не завршило соодветни академски студии од втор циклус, односно за кандидатите од сродна научна област, Наставнонаучниот совет на Академија утврдува дополнителни услови за запишување на трет циклус – докторски студии.
Странските државјани имаат право на запишување во трет циклус – докторски студии под еднакви услови како и државјаните на Република Македонија, освен за трошоците за студирање.
ТРОШОЦИ ЗА СТУДИИТЕ
Студентите на трет циклус – докторски студии се запишуваат со кофинансирање на студиите. Странските државјани плаќаат 100% поголема партиципацијата од партиципацијата што ја плаќаат студентите кои се државјани на Република Македонија.
Студентите кои стекнале право на запишување склучуваат договор за студирање со Академијата, со кој поблиску се уредуваат нивните права и обврски, висината на школарината и др.

ПОСТАПКА ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА КОНКУРСОТ


Конкурсот за запишување на трет циклус на студии во Академијата го спроведува Комисија формирана од деканот на Академијата.
Конкурсната комисија изготвува ранг-листа на примените кандидати што се објавува на огласната табла на Академијата, како и на веб-страницaта на Академијата (http://www.ma.edu.mk).
При изготвување на ранг-листата треба да се води сметка за соодветна и правична застапеност на кандидатите кои припаѓаат на сите заедници со почитување на критериумот за стручност и компетентност како и почитување на принципот на еднаквост на половите. Кандидатот кој смета дека постапката не е правилно спроведена, има право на приговор во рок од 24 часа од денот на објавување на резултатите на огласната табла и на веб-страницaта на Академијата што го доставува до Деканатската управа на Академијата.
Одлуката по приговорот се донесува во рок од 24 часа од поднесувањето на приговорот. Одлуката му се соопштува на подносителот на приговорот со истакнување на огласната табла и објавување на веб-страницата на Академијата.
Ранг-листата станува конечна по истекот на рокот за поднесување приговор. Посебните права и обврски на кандидатите примени за студенти на втор циклус на студии на Академијата се уредуваат со договор во согласност со Статутот на Академијата.
Кандидатот го остварил правото на запишување доколку се наоѓа на ранг-листата до бројот што е предвиден со Конкурсот за запишување.
Кандидатот којшто го остварил правото на запишување, а во предвидениот рок нема да го изврши запишувањето го губи правото и наместо него правото на запишување го стекнува наредниот кандидат од ранг-листата.

ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ НА ТРЕТ ЦИКЛУС – ДОКТОРСКИ СТУДИИ:
- пријава за запишување што се добива на Академијата;
- доказ за завршени втор циклус на студии (диплома оригинал или фотокопија заверена кај нотар), кандидатите кои завршиле во странство и кандидатите странски државјани да достават решение за еквиваленција и признавање на високобразовната квалификација стекната во странство за завршен втор циклус на студии);
- уверение за положени испити со оценки и кредити (оригинал или фотокопија заверена кај нотар), кандидатите кои завршиле во странство и странските државјани доставуваат решение за еквиваленција на оценките;
- доказ за активно познавање странски јазик (оригинал или фотокопија заверена кај нотар);
- куса биографија (CV);
- извод од матична книга на родени;
- уверение за државјанство;
- препораки од наставни или научни работници (доколку има такви)
- список на стручни или научни трудови и примерок од нив (доколку има);
- награди, признанија и други документи
Документите за пријавување на трет циклус студии се доставуваат лично во деловодството на Воената академија ,,Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје на адреса: ул. ,,Васко Карангелески“ бб.


ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ЗАПИШУВАЊЕ
За запишување на трет циклус – докторски студии, кандидатите ги доставуваат следните документи:
- индекс;
- три фотографии (2 од 6 х 9; 1 од 4 х 5);
- странските студенти доставуваат и потврда за завршена настава по македонски јазик;
- оригинал уплатници како доказ за уплатени средства за студирање на трет циклус докторски студии, надоместоци за образование и административни трошоци;
- пријава за запишување што се добива во Воената академија – Скопје;
Документите за запишување на трет циклус – докторски студии се доставуваат лично во деловодството на Воената академија ,,Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје на адреса: ул. ,,Васко Карангелески“ бб.

РОК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ


Заинтересираните кандидати за школување на трет циклус – докторски студии во студиската 2014/2015 година можат да се пријавуваат во рок од 30 (триесет) дена од денот на објавувањето на Конкурсот.
Ако во првиот пријавен рок не се пријават и не бидат примени кандидати во планираниот број, Академијата ќе организира втор пријавен рок 3 (три) дена по објавувањето на конечната ранг-листа.

ВОЕНА АКАДЕМИЈА